Надлежните од ЈКП „Дервен“ констатирале дека цевководот кој од езерото Лисиче носи вода за пиење до Велес е оштетен на повеќе места. Неодговорни граѓани водата ја користат за бесплатно да ги наводнуваат нивните површини. Цевководот е во должина од 21 километар и од велешкото претпријатие не прецизираат колкава е материјалната штета.
„Често се случува несовесни граѓани да вршат криминални дејствија со цел бесплатно да ја користат водата за наводнување на свои земјоделски површини и за напојување на стоката. Тие оштетуваат елементи на цевководот и со тоа предизвикуваат неконтролирани истекувања на водата“, велат од „Дервен“.
На овој начин, поаѓајќи од сопствениот интерес, одделни земјоделци нанесуваат огромна штета не само на ЈКП „Дервен“, туку и на земјоделските површини во близина на оштетениот цевководот. Тие прават грешка, објаснуваат стручњаците, оти истекувањето на водата не може да се контролира и со тоа се поплавуваат околните површини.
Од ЈКП „Дервен“ апелираат за поголема свест кај земјоделците и потсетуваат дека манипулацијата со водоводни инсталации е казниво со закон. Водата која ЈВП „Лисиче“ ја испорачува на ЈКП „Дервен“ е со цена од 3,82 денари за метар кубен или месечно 1,7 милиони денари, а дел од неа се губи поради оштетувањата.
П. ПЕЧКОВ