Зградата на Министерството за транспорт и врски која почна да се доградува во ноември 2011 година, сѐ уште не е готова. Објектот 8 години после почетокот на градежните работи за доградба на два ката, нема технички прием.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто министерството уште не е вселено во објектот на плоштадот Филип Втори, вели дека техничката документација не е во целост готова, но не појасни зошто е тоа така и каде е проблемот што зградата уште нема технички прием.
„Можеби пред извесен период требаше да се вселиме во зградата, но додека техничката документација не биде во целост завршена, тоа нема да се случи. Очекуваме во најбрз можен рок изведбената состојба да биде завршена. Во моментот зградата сѐ уште нема технички прием“, изјави министерот Сугарески.
Обновата на објектот со најава за надградба за уште два ката почна во ноември 2011 година. Првиот рок за завршување на градежните активности беше една година, но тој беше поместен неколку месеци откако почна градењето на барање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија бидејќи не беше во согласност со сеизмичките стандарди.
Првиот проект за обнова на зградата предвидуваше рамен покрив со градина во која требаше да бидат поставени украсни скулптури, а просторот беше најавен како место за одмор на вработените, но изведениот покрив не е рамен, а скулптурите место на покривот, ставени се како украси на фасадата.
За доградба за два ката на зградата потрошени се 5,7 милиони евра. Експертите забележуваат дека оваа доградба е прескапа. Со истите пари Министерството, место да прави надградба и доградба, можело од темел да изгради сосема нов објект. За споредба, од истиот проект „Скопје 2014“, целосната изградба на зградата во се смести Агенцијата за аудиовизуалени услуги, пред некогашниот хотел „Бристол“, спроти Музејот на Град Скопје, чини 4,7 милиони евра. Зградата има приземје, осум ката и поткровје чија изградбата е поевтина од доградбата на Министерството за транспорт и врски.
А. АНТЕВСКА