АРТАН ГРУБИ СЕ ОТКАЖА ОД ИЗБОРОТ НА КАДРИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ, ИМАЛ ДРУГИ ОБВРСКИ

    АРТАН ГРУБИ СЕ ОТКАЖА ОД ИЗБОРОТ НА КАДРИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ, ИМАЛ ДРУГИ ОБВРСКИПратеникот Артан Груби ги известил Претседателите на Собранието и на Комисијата за надзор на УБК и АР дека не е во можност да учествува во работата на Комисијата за селекција и избор на работници во УБК. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Артан Груби од ДУИ се повлече од селекцијата на кадрите од Агенцијата за национална безбедност. Тој на својот Фејсбук профил објави дека поради други преголеми обврски не може да учествува во учествува во работата на Комисијата за селекција и избор на работници во УБК, каде што беше избран само неколку часа претходно.

    „Во врска со Заклучокот на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, донесен на Шестата седница на Комисијата, одржана на 25 јуни 2019 година, во кој сум предложен да учествувам во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање, поради преголеми други обврски ги известив Претседателите на Собранието и на Комисијата, дека не сум во можност да учествувам во работата на оваа Комисија“, вели Груби во објавата на социјалните мрежи.

    Собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање денеска ги избра Груби и Трајко Димков од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во комисијата која ќе ги селектира работниците во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

    АНБ е наследник на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), но ќе делува како самостоен орган, надвор од кругот на МВР. За директор на АНБ, која треба да почне со работа на 1 септември, Владата на 11 јуни го назначи Виктор Димовски, претходно државен секретар во Министерството за надворешни работи.

    Предвидено е Комисијата за селекција и избор на работници во новата агенција да ја заврши работата до 20 август. Најголем дел од досегашните вработени во УБК треба да бидат префрлени во АНБ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира