ВЛАДАТА ОДОБРИ НАД 1.000 НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ И СУПСПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ЗА ДОКТОРИТЕ ВО ЈАВНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ

    ВЛАДАТА ОДОБРИ НАД 1.000 НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ И СУПСПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ ЗА ДОКТОРИТЕ ВО ЈАВНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИОд Министерството за здравство велат дека во годинешната бројка влегуваат и новопримените доктори, кои треба да специјализираат. - Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче на владина седница (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за здравство соопшти дека на денешната владина седница e одобрена програмата за специјализации и супспецијализации, кои ќе се реализираат во следните четири години.

    „Владата на денешната седница ја усвои предлог програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно мрежата на здравствените установи и одобрени се вкупно 931 специјализација и 130 супспецијализации. Најмногу специјализации се одобрени за оваа година. Програмата за специјализации е направена согласно барањата од јавните здравствени установи, возрасната структура на вработените и согласно планот за регионализација“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство велат дека во годинешната бројка влегуваат и новопримените доктори, кои треба да специјализираат.

    Јавните здравствени установи, како што појаснуваат од Министерството за здравство, согласно Законот за здравствена заштита треба да обезбедат дополнителни финансиски средства за спроведување на специјализациите и супспецијализациите, кои ќе ги уплаќаат сукцесивно, по семестри.

    „Владата на денешната седница ја усвои и информацијата за набавка на лекот за пациентите со спинална мускулна атрофија и го задолжи Министерството за финансии да обезбеди дополнителни 147,6 милиони денари или 2,4 милиони евра во буџетот на Министерство за здравство. По обезбедувањето на финансиските средства од Министерството за финансии, се задолжува Министерството за здравство да спроведе постапка за доделување договор за јавна набавка. Со овие средства треба да се набави терапија за седум пациенти, со кои ќе им се обезбеди подобар квалитет на животот и ќе им се продолжи животниот век“, велат од Министерство за здравство.

    На денешната седница владата го усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, со кои треба да се обезбеди и промовира целосно остварување на човековите права и слободи, без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост, родов идентитет и пол.

    „Со законските измени се забранува дискриминација во обезбедување на правата на пациентите содржани во законот и се унапредуваат и заштитуваат правата на пациентите со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините во државата. Овој Предлог-закон ќе биде доставен до Собранието на усвојување“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира