Младите лекари и медицински сестри од државата не заминуваат само поради платите, туку и поради образованието и можноста за напредок во кариерата, затоа вложуваме и во плати, но и во едукацијата, рече министерот за здравство Венко Филипче на отворениот ден за иницијативи на граѓански организации што се одржа во Владата на тема младински политики.
Тој кажа дека оваа влада многу направила и постојано прави да инвестира и да ги стимулира младите да останат во земјата и тука да ја гледаат својата иднина. Според него, во Министерството за здравство процесите се одвивале инклузивно, со тоа што ги вклучиле младите лекари и студенти за да видат што е тоа што треба да се коригира и тие да бидат креатори на политиките, односно да нема наметнати решенија.
„Во многу анкети што ги направивме младите лекари и медицински сестри си заминуваат поради платите, но и поради квалитетот на образованието, кои се критериумите по кои што се примаат во јавните здравствени установи и како понатаму напредува нивната стручна, а понатаму и академска кариера. Идентификувавме неколку приоритети се одвоија скоро 2 милијарди денари за зголемување на платите и минатата и оваа година за сите здравствени работници, а продолжуваме и оваа и следната година за да ги исполниме нашите ветувања“, рече Филипче.
Тој кажа дека преку конкретни мерки се обиделе да ги стимулираат младите лекари со тоа што специјализантите за прв пат добија плата, а дека работат на тоа да обезбедат и средства и за дежурствата и ноќниот труд, како што добиваат лекарите специјалисти.
Со законските измени што ги направи Министерството за здравство и со воведување на шестмесечниот задолжителен стаж, според министерот, младите лекари по добивање на лиценца од Лекарската комора ќе може да се стекнат со искуство, што е особено важно за тие што прв пат влегуваат во здравствениот систем.
„Обезбедивме овој стаж да биде платен со просечна плата на лекар специјалист. Така што секој млад лекар кој што ќе заврши факултет и ќе го заврши стажот во лекарската комора и ќе добие лиценца има загарантирано работно место засега шест месеци, но искрено се надевам дека од следната година ќе обезбедиме тоа да биде во континуитет и секој млад лекар да не се чувствува дискриминиран и надвор од системот и дека му е загарантирано работното место. Освен што ќе биде платен ќе биде стимулиран да остане во земјата ќе има можност да работи со поискусни лекари да се едуцира, заради тоа што тоа е влезот во медицината, тоа се првите искуства во службите за прва помош, вакциналните пунктови и патронажните сервиси“, рече Филипче.
Тој кажа дека оваа мерка ја прошириле и на медицинските сестри за унапредување на системот на патронажни сервиси и дека огласот е активен.
„Оваа влада со своите политики им го покажа патот на младите, дека со отфрлање на песимизмот и цинизмот, каде ќе има аргументи и контрааргументи ќе се стигне до консензус. Тоа е начинот на којшто нашето општество може да оди напред и тоа е патот по кој треба младите да одат, затоа што тие се авангардата и најкреативниот дел во нашето општество и само инвестиција во младите значи дека ние инвестираме во нашата земја“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА