Еколошкото друштво „Вила Зора“ престана со постапката на замена на почвата на јавните површини во Велес. Како причина го посочија примерот на земјоделец кој самоиницијативно извршил промена на почвата во реонот на Речани, но тоа не дало резултат. Во новата почва биле пронајдени високи вредности на олово и кадмиум, иако претходно ги немало.
„Престануваме со деконтаминација на почвата во градот и во поблиската околина додека не се дислоцира депонијата со згура, што се наоѓа на влезот во градот од правец на Скопје. Се надевам дека тоа ќе започне во најскоро време. Имаме пример на земјоделец кој заменил четири декари површина со нова, неконтаминирана почва од реонот на село Ногаевци. Испитувањата кои пролетоска ги направивме на новата почва покажаа дека има загадување со тешки метали во значајни концентрации“, кажа Ненад Коциќ од ЕД „Вила Зора“ и член на Советот на Општина Велес.
Тие планираа да извршат замена на почвата од дворовите на градинките и училиштата.
„За нас е разочарувачки податокот дека годинава, во почвата на длабочина до 20 сантиметри има повеќе тешки метали отколку минатата. За разлика од тоа, на длабочина до 40 см вредностите се двапати пониски, откако извршивме деконтаминација со фиторемедијација со помош на маслодајна репка. Тоа покажува дека загадувањето е уште присутно во Велес“, додава Коциќ.
Стручњаците предупредуваат дека не само депонијата со згура, туку и објектите на Топилница се полни со честички на тешки метали.
„Честичките од тешките метали олово и кадмиум, како продукт на производниот процес, се наоѓаат на површините на објектите во кругот на поранешната Топилница. При одредени атмосферски услови, дожд и ветер, тие стигнуваат до граѓаните на Велес“, изјави д-р Бошко Ников, еколошки експерт.
П. ПЕЧКОВ