Лицата со посебни потреби од Велес упатија порака „И ние можеме“, откако во Младинскиот парк се претставија со танц, рецитирање, глума и поезија. Децата од Посебното осново училиште „Маца Овчарова“ од Велес и од Дневниот центар за лица со посебни потреби ги собраа аплаузите од велешани на заедничкото дружење.
„На повеќе штандови со свои рачни изработки и постигнувања се претставија лицата со попреченост. Тие своите способности и можности ги покажаа во изведбата на кратка театарска претстава заедно со актерите од Велешкиот театар, како и со рецитали на лична поезија и од други автори. Целта е подигнување на јавната свест за можностите и способностите на лицата со посебни потреби“, рече Мирјана Дамјановиќ, дел од ЦПЛИП „Порака“, организатор на настанот.
Зорица Палитова се претстави со дел од нејзината поезија објавена во три книги, а потоа заедно со актерите од Велешки театар се одигра кратката претстава „Волк и мачор“. Во музичкиот дел настапија женскиот состав „The Chicks“ и балетското студио „Анабела” од Велес.
Овој настан е дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција” на ЦПЛИП „Порака“ од Велес и е финансиски поддржан од ЕУ.
П. ПЕЧКОВ