Учениците на 15-годишна возраст од Северна Македонија заостануваат речиси четири години зад врсниците земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), е само една од забелешките кои ОЕЦД и УНИЦЕФ ги објавија во публикацијата „Прегледот на образовниот систем во земјата“. Двете организации според овој преглед имаат повеќе оценки и предлози до Министерството за образование и наука, во период кога траат расправите за Предлог-законот за основно образование.
Податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) укажуваат дека образовниот успех во Северна Македонија е понизок од меѓународниот и регионалниот просек и не покажува знаци на подобрување.
„На тестирањето ПИСА 2015, учениците на 15-годишна возраст од Северна Македонија покажаа дека заостануваат речиси четири години зад врсниците од земјите на ОЕЦД, со просечен резултат од 384 по наука споредено со 493 во земјите на ОЕЦД. Резултатите во земјата беа пониски од соседните земји, вклучително и Албанија (427 бодови) и Црна Гора (411 бодови), а незначително повисоки од Косово (378 бодови). Остварувањата од земјата на меѓународните тестирања, исто така, даваат малку докази за подобрувања. Резултатите по читање на тестот ПИСА опаднаа за 21 поен помеѓу 2000 и 2015 год.
За споредба, соседна Албанија успеа да ги зголеми резултатите за 56 бодови, што е еднакво на околу две години образование, и тоа во истиот временски период“, стои во извештајот.
„Во последниве години, и покрај подобрувањата на Република Северна Македонија во проширување на пристапот до образование и јакнење на институционалниот капацитет, сè уште има ограничен напредок на најважната мерка за квалитетот на образовниот систем, а тоа е успехот на учениците. Во 2015, половина од 15-годишниците во земјата не покажале основни вештини во трите главни предмети во кои биле оценувани – математика, читање со разбирање и природни науки. Индексот на Светска банка за човеков капитал открива дека за 12-те години школување, нашите ученици добиваат еквивалент на 8 години учење“, стои во „Прегледот на образовниот систем во земјата од 2018 “ спроведен од ОЕЦД и УНИЦЕФ.
Тие посочуваат неколку причини за негативните трендови во образовниот успех, како: критериумите за избор на кандидати за идни наставници кои имаат добри академски знаења и вештини за држење квалитетна настава се многу ниски и наставниците не добиваат доволно можности за континуиран професионален развој во споредба со колегите во регионот.
До возраст од 14 години, учениците во основно училиште добиваат речиси 900 часови настава помалку од просекот на ОЕЦД. Краткото траење на наставата во училиште ги ограничува можностите за учење и одржување на додатна и дополнителна настава.
„Оценувањето не се заснова на воспоставени наставни стандарди, па затоа не дава веродостојни и целисходни информации за успехот на учениците.
Само 28 отсто од децата со попреченост посетуваат основно образование. Медицинската категоризација на децата и натаму е начин детето да се движи низ образовниот систем и во услови на постење специјални училишта, како и посебни паралелки во редовните училишта, не може да стане збор за единствен несегрегиран систем за образование.
Користењето на истражувања и евалуација при креирањето политики е недоволно и недостига национална стратегија за оценување за да се следи успехот на ученикот. Одлуките најчесто не се носат врз основа на расположливите резултати од истражувањата, со што се ризикува политичките фактори да имаат пресудно влијание врз она што е најважно за наставата и учењето“, се дел од забелешките.
Од ОЕЦД и УНИЦЕФ велат дека ја поддржуваат реформата на Владата и Министерството со цел да се решат овие тесни грла и ги повикуваат сите вклучени страни да обезбедат препораките за политики соодветно да бидат земени предвид во новите законски решенија.
„Зголемување на бројот на наставни часови за учениците во основно образование. Времето што учениците го поминуваат во наставата е значаен фактор во процесот на учење. Владата треба да ја преиспита одлуката за натамошно намалување на бројот на наставни часови. Напротив, училиштата треба да се поттикнат поефективно да го користат наставното време, давајќи им можност на учениците да се вклучат во повеќе практични активности.
Заложба за целосно вклучување на учениците со попреченост во системот на редовно образование во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Предложените измени во Законот за основно образование предвидуваат специјалните училишта да се трансформираат во ресурсни центри коишто ќе даваат поддршка на редовните основни училишта во процесот на адаптирање и вклучување на учениците со попреченост.
Воведување на систем за напредување во кариерата и зголемување на можностите за професионален развој на наставниците“, се дел од препораките.
Б. НЕСТОРОСКА