АКТИВИСТИТЕ ЈА ПОЗДРАВИЈА ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИК КАЈ ИЛОВИЦА, НО И НАТАМУ ЌЕ ПАТРОЛИРААТ НА ОГРАЖДЕН

    АКТИВИСТИТЕ ЈА ПОЗДРАВИЈА ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИК КАЈ ИЛОВИЦА, НО И НАТАМУ ЌЕ ПАТРОЛИРААТ НА ОГРАЖДЕНЦелта на блокадата е исполнета, но повторно ќе реагираме ако се појават работниците на „Еуромакс“, велат од „Здрава котлина“ (Фото: СДК.МК)

    Активистите против изградба на рудници ја поздравија одлуката на Владата да го одбие барањето на компанијата „Еуромакс ресорсис“ за добивање дозвола за експлоатација на бакар и злато на планината Огражден кај Иловица. Тврдат дека се пример за вистински граѓански активизам, откако повеќе од две години ги алармирале институциите дека нивните права за здрава животна средина се загрозени. Последниве 18 дена, тие постојано го блокираа концесискиот простор на „Еуромакс“ и со дежурства не дозволуваа никаков пристап до него, а камоли некакви дејствија од страна на работниците на компанијата.

    „Блокадата официјално ја прогласуваме за завршена поради исполнување на целта. Ќе поставиме патроли кои ќе нè информираат за состојбата на терен и повторно ќе реагираме доколку се појават работниците на ‘Еуромакс‘. Им препорачуваме да ја избегнуваат планината и непотребни провокации, реалноста е дека рудник нема да има. Ја поздравуваме одлуката на Владата како согласна со законите на државата, но, сепак, ќе почекаме 15 дена, за конечно да се одземе првата концесија за рудникот Иловица-Штука“, информираа од здружението „Здрава котлина“.

    Активистите тврдат дека постоела и втора концесија, која истекувала во јануари и ја охрабруваат Владата да го направи истото и со неа и да докаже дека институциите функционираат во полза на граѓаните.

    Владата на последната седница ја усвои информацијата на Министерството за економија за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација на руда од Иловица, поднесено од концесионерот „Еуромакс“.

    „Утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи што се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање дозвола за експлоатација“, стои во соопштението на Владата.

    Таа додаде дека по истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на договорот со „Еуромакс ресорсис“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира