НА ТАКВИ СУДИИ НЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ПРАВОСУДСТВОТО, КАЖА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ ЗА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ЛАТАС

    НА ТАКВИ СУДИИ НЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ПРАВОСУДСТВОТО, КАЖА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ ЗА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ЛАТАСЈавниот обвинител Љубомир Јовески на денешната прес-конференција за истрагата за уапсените Бојан Јовановски - Боки 13 и Зоран Милевски - Кичеец (Фото: К. Попов)

    Јавниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека поддржува ветинг во правосудството за обвинители и судии, посочувајќи ја како негативен пример ослободителната пресуда за новинарот Драган Павловиќ – Латас, кој од СЈО беше обвинет за бесправна градба. Јовески кажа дека на таквите судии не им е местото во правосудството и смета дека Судскиот совет треба да го испита случајот.

    „Прашањето за ветинг го поддржувам. Вкупното правосусдство, и обвинители и судии да бидат подложени на некој проверка. Видовте што стана со последната одлука во делот на противправно градење. Видовте како судијата ја толкува таа одредба и мислам дека на таквите судии не им е место во правосудството и веројатно Судскиот совет во соодветна постапка треба да го испита тој дел. Таму, јас после објавување на пресудата барав и судска праска, а судската пракса во однос на овие дела е сосема јасна. Не се бара ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил или не. Доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба“, кажа Јовески на денешната прес-конференција за истрагата за уапсените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, одговарајќи на новинарско прашање за ветинг во правосудството.

    Латас и неговите браќа Звездан Павловиќ и Срѓан Павловиќ на 4 јули добија ослободителна пресуда за изградбата на нивните три куќи во скопско Зелениково. Судот тогаш ја образложи ослободителната пресуда со тоа што во конкретниот случај немало пријава за бесправно градење ни од граѓанин, ни од државен орган, а немало ни решение за уривање, што, според судот, значи дека немало јавен интерес.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира