ЖИТЕЛИТЕ НА ГОРНО ВРАНОВЦИ НЕ МОЖАТ ДА СИ ГИ ЛЕГАЛИЗИРААТ КУЌИТЕ ОТИ СЕ ВО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ГОРНО ВРАНОВЦИ НЕ МОЖАТ ДА СИ ГИ ЛЕГАЛИЗИРААТ КУЌИТЕ ОТИ СЕ ВО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕПоради тоа што во селото има четири спомен куќи на НОБ, тоа е прогласено за културно наследство (Фото: СДК.МК)

    Жителите на селото Горно Врановци се огорчени што државата не им дозволува да ги легализираат дивоградбите. Поради тоа, тие не можат да добијат електрична енергија во нивните домови. Надлежните објаснуваат дека причината е што селото, поради историските настани од НОБ, е прогласено за заштитена зона.

    „Не можеме струја да си донесеме дома. Поради дотраеноста, речиси сите куќи се обновени, проширени и поправени. Такви има 30-ина, само уште 4-5 се стари. Иако десетина години бараме легализација, нашите барања не се разгледуваат“, велат жителите на селото, кои вчера директно му се пожалија на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски при посетата на Општина Чашка.

    Во селото живеат околу 300 жители, а има и основно училиште.

    „Проблемот е специфичен, бидејќи во заштитено подрачје не смеат да се легализираат објекти. Ќе ги разгледаме сите опции како тие да дојдат до струја, ќе разговараме со Министерството за култура, со ЕВН, со општината со цел да им помогнеме“, рече министерот Сугаревски.

    Поради тоа што во селото има четири спомен куќи на НОБ, кадешто во текот на 1944 престојувало и работело раководството на НОБ, тоа е прогласено за културно наследство. „Имаме четири објекти кои се во заштитено подрачје и ќе се обидеме правно само нив да ги заштитиме, за да можат другите да се легализираат“, додаде Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира