ПАК ОДЛОЖЕНО РАЗРЕШУВАЊЕТО НА ВАНГЕЛОВСКИ, ПАНЧЕВСКИ СУСПЕНДИРАН

    ПАК ОДЛОЖЕНО РАЗРЕШУВАЊЕТО НА ВАНГЕЛОВСКИ, ПАНЧЕВСКИ СУСПЕНДИРАНПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски; Претседателот на Судски совет Киро Здравев (Фото: СДК.МК)

    На готов извештај и предлог за разрешување на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, Судскиот совет пак ја одложи таа точка на дневен ред на денешната седница, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Одложувањето било на барање на новоизбраниот член Миљазим Мустафа, предложен од претседателот Стево Пендаровски, кој се изјаснил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи Вангеловски да биде разрешен.

    За разрешување Вангеловски е предложен заедно со уште двајца врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан. Барањето беше не од Специјалното јавно обвинителство, чие што беше обвинението за „Труст“, туку од тогашниот државен Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој поднесе такво барање преку обвинителот Ацо Колевски и се замеша во надлежностите и работата на СЈО.

    Судскиот совет требаше да расправа за разрешувањето на Вангеловски и на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот Киро Здравев на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување.

    Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за времено оддалечување од вршење на судиска функција на поранешниот претседател на Кривичен суд Владимир Панчевски.

    Против Панчевски на 8 јули беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување за местење судски предмети додека беше претседател на Кривичниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира