Најмалку 13 луѓе загинаа, а десетици се повредени во пожарот што избувна во студиото за анимација во јапонскиот град Кјото. Локалните медиуми објавија дека пожарот најверојатно е подметнат од мажот кој утрово упаднал во студиото и потоа го испрскал со засега непозната течност.
Властите кажаа дека е непозната судбината на уште 30 луѓе. Осомничениот маж е приведен и превезен во болница за третман на повреди. Не е познато каква е неговата врска со компанијата.
Пожарот во трикатната зграда избувнал во 10.30 часот по локално време и операцијата на спасување е во тек.
„Осомничениот маж истурил течност и потоа ја запалил. Во зградата се пронајдени и ножеви. Тој бил слушнат како кажува ‘умрете‘, пред да ја запали зградата“, објави локален медиум.
Еден сведок изјави дека слушнал гласна експлозија, по што огнот со голема брзина се проширил по зградата. Се верува дека на најгорниот спрат има уште жртви.
„Кјото енимејшн“ е основано во 1981 година и има создадено популарни анимирани серии.