На денешен ден пред точно половина век, среде најголемата поделеност на светот и огромниот јаз помеѓу генерациите, луѓе од планетата Земја за првпат стапнаа на друг свет, обединувајќи ги луѓето низ цел свет на дотогаш и оттогаш невиден начин.
Стотици милиони луѓе се вклучија во радиопреносот или гледаа во своите црно-бели екрани кога астронаутите на „Аполо 11“ Нил Армстронг и Баз Олдрин стапнаа на Месечината на 20 јули 1969 година, што и натаму останува најголемо технолошко постигнување на човештвото. Полициите низ светот соопштија дека дури и криминалот во тие моменти речиси целосно запрел.
„Ова е мал чекор за човекот, но огромен за човештвото“, првите зборови на Армстронг од Месечината се врежаа во колективната меморија на светот.
„Колку често може да се види луѓето од цел свет да се согласат за нешто? Речиси никогаш. Па, сепак, во тој краток момент, луѓето се обединија, тие се почувствуваа како учесници. Тоа беше прекрасно постигнување, бидејќи цел свет аплаудираше, и север и југ и исток и запад, и младо и старо, и комунисти, сите“, изјави 88-годишниот Мајкл Колинс, третиот член на историската мисија, кој остана во орбитата.
Тоа беше кулминација на осумгодишната напорна работа на 400.000 луѓе и потрошени милијарди долари, а на САД им донесе сатисфакција дека го победиле Советски Сојуз во вселенската трка.
Мисијата беше лансирана на 16 јули и вкупно траеше осум дена. Колинс вели дека не бил загрижен околу слетувањето, туку дали Армстронг и Олдрин ќе се вратат на бродот.
„Тоа е нешто за што никогаш не сме зборувале. Ние не бевме будали и бевме свесни дека сешто може да се случи, само што никогаш не го изговоривме тоа“.
Претседателот Никсон дури имал подготвен говор во случај на катастрофа.
Беше 16.17 часот по локално време на Флорида, кога Армстронг објави дека „‘Орелот‘ слетал“. Тој стапна на површината на Месечината во 22.56 часот, а 18 минути подоцна го следеше и Олдрин.
„Во еден драгоцен момент од историјата, сите луѓе на Земјата се навистина едно“, му честиташе Никсон на Армстронг.
Прошетката траеше два и пол часа, по што „Орел“ се спои со „Колумбија“ и тројцата астронаути се вратија дома по четири дена.
Следеа уште пет мисии на Месечината, пред проектот „Аполо“ нагло да биде згаснат.
Првото слетување на Месечината го крена духот на Земјата кога тоа најмногу ѝ беше потребно.