Општина Битола преку проект за прекугранична соработка со грчки општини од ИПА фондовите ќе набави две возила на електричен погон. Станува збор за минибус и едно помошно возило. Во проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите“ вклучени се и општините Ресен и Лерин и општинското претпријатие од Преспа, кои ќе добијат по две вакви возила. Воедно ќе бидат поставени и четири соларни станици за полнење на батериите на возилата.
„Започнуваме со интергиран систем на зелен транспорт, што е потреба и предизвик на модерното време. Ќе бидат набавени две електрични возила, минибус и помало возило, кои ќе бидат ставени на располагање на нашите граѓани. Ова е почеток на нешто што ќе биде насока во која треба да се движи не само општината, туку и државата“, рече градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Во проектот се вклучени и Технолошко-образовниот институт на Западна Македонија во Грција и Универзитетот Патрис, од каде ќе бидат вкучени и професори.
Ж. ЗДРАВКОВСКА