Владата излезе со предлог-акциски план за борба со дезинформациите, согласно препораките од Европската комисија, Советот на Европа, секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација со Британската влада и УСАИД.
Премиерот Зоран Заев рече дека Македонија била препознаена како земја на лажните вести преку ширење на дезинформации за време на претседателските избори во САД и дека секојдневното ширење на дезинформации преку социјалните мрежи и дел од интернет порталите, сериозно ја нарушуваат довербата на граѓаните кон институциите, но и кон медиумите. Тој кажа дека со овој акциски план се предвидени и безбедносни и проактивни мерки, односно внатрешни протоколи и надградба на безбедносните ИТ системи во самите институции, како и формирање кризен штаб за комуникација меѓу министерствата во интерес на вистината. Заев најави дека ќе работат со медиумската заедница, невладините организации, а за овие мерки не е предвидена реалокација на средства.
На новинарско прашање како ќе се реализира овој план со оглед дека не се предвидени дополнителни средства и дали ова е обид да се замолчат и интернет медиумите, посебниот советник на премиерот Марјан Забрчанец, кажа дека ова е само прв чекор на носење на акцискиот план, за кој ќе следат серија консултации со невладини и граѓански организации, со медиумите и здруженијата на новинари.
„Целта не е да наметнеме решение, а доколку се потребни средства верувам дека ќе се изнајдат фондови. Верувам дека на сите ни е во интерес да се добијат вистинските информации. Некогаш впечатокот што го добиваат граѓаните од дезинформациите е многу лош и може да влијае лошо на цели држави или уништување семејства и углед. Ова е закана со која се соочува целиот свет“, дополни Заев.
Е. БОЧВАРОСКА