ТРИ ПОЖАРИ ВО ЕДЕН ДЕН ВО НОВАЦИ, ИМА СОМНЕЖ ДЕКА СЕ ПОДМЕТНАТИ

    ТРИ ПОЖАРИ ВО ЕДЕН ДЕН ВО НОВАЦИ, ИМА СОМНЕЖ ДЕКА СЕ ПОДМЕТНАТИПожарот кај селата Мегленци и Арматуш е целосно локализиран, пожарот кај Тепавце се гасне, а пожар се шири од селото Рапеш кон мостот на реката Црна, но нема опасност за селото (Фото: Аматерска фотографија/ Битолската противпожарна единица)

    На територијата на Општина Новаци денес избувнаа три пожари, првиот кај селата Арматуш и Мегленци, вториот кај село Рапеш и третиот кај Тепавци.  Пожарот кај Мегленци и Арматуш е целосно локализиран. Гаснењето траеше околу шест часа, а беа вклучени Битолската противпожарна единица, Горско-спасителското друштво Ава Кора 1050, како и возило од РЕК ,,Битола”. Пожарот таму е изгаснат и нема опасност по селата.

    Друг пожар има кај селото Тепавци и се гасне. Овој пожар зафати и борова шума, но екипите кои гаснат се обидуваат да го стават под контола.

    Третиот пожар се шири од селото Рапеш кон мостот на реката Црна. Нема опасност за селото.

    ,,Нашите сознанија од терен е дека пожарите настанале од човечки фактор. Најверојатно намерно потпалено”, рече Александар Ангелевски од ,,Ава Кота 1050″, кој воедно е и координатор на проектот на за заштита од пожари на отворено на Дирекцијата за заштита и спасување.

    Градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски вели дека и екипи на Општината и Комуналното претпријатие се вклучени во гаснењето и дека поголемиот дел од пожарите е локализиран.

    На територијата каде интервенира Битолската противпожарна единица годинава се евидентирани 312 пожари што е рекорд. Во рамки на таа територија е и новачкиот крај. Само во март на територијата на Битола имало во еден ден осум пожари.

    Од серијата шумски пожари кои се случија во март и април годинава МВР открило, а Обвинителствата работат на истраги и обвиненија за подметнатите пожари во Крушево, Тетово (Шар Планина), во Битолско и Кичевско. Пожарите кои се случуваа во Струга, каде во неколку наврати некој ја палеше крајбрежната трска на Охридско Езеро, потоа во Галичица и во Преспа, на Јакупица и Скопска Црна Гора, а и подметнатиот пожар на скопската дива депонија на кејот на Вардар кај хотелот „Александар Палас“, МВР на крајот на април уште ги расветлуваше.

    Јавното обвинителство на 4 април за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ги истражува причините за масовните пожари во земјава во март, но нема сознанија дека станува збор за организирано палење или за субверзивна или терористичка акција. Истиот ден на исто прашање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР има сериозни индиции оти пожарите се подметнуваат од политички причини, а тоа е сериозен тероризам што ѝ се прави на државата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира