ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА БИДАТ И МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИ ВО МЕСТАТА КАДЕ ШТО НЕМА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА БИДАТ И МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИ ВО МЕСТАТА КАДЕ ШТО НЕМА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕЗа проблемот со недостиг на матични гинеколози, министерот за здравство Венко Филипче рече дека се во фаза на подготовка за решение во целата земја. (архивска фотографија)

    Недостатокот од лекари специјалисти во болниците и здравствените домови во земјата се решава со две мерки, рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека едната мерка е да им се дозволи на докторите од болниците и клиниките од Скопје да работат во здравствените установи во другите градови каде има недостиг од одредена специјалност, а проблемот со недостиг на матични гинеколози ќе биде решен за две недели, со тоа што Фондот за здравство ќе им даде можност на специјалистите од болниците да бидат и матични гинеколози.

    За овој проблем рече дека разговарале и со Клиниката за гинекологија и акушерство и со здружението на гинеколози но и со останатите здруженија, бидејќи во земјата има недостаток и од други специјалности како што се неврологија, офталмологија и оториноларингологија.

    „Со законските измени што го направивме ќе може специјалисти од клиниките и од болниците од Скопје да одат и да даваат здравствени услуги во болниците и здравствените домови каде има ваков недостиг по однапред одреден распоред“, рече Филипче.

    Тој вели дека веќе има вакви барања од здравствените установи и дека ги преупатуваат во клиниките и во болницата „8 Септември“ да склучат со нив договори. Според него на тој начин ќе им се овозможи на луѓето услугата да ја добијат во местото на живеење, а не да ги преупатуваат во регионалните болници или во Скопје.

    За проблемот со недостиг на матични гинеколози рече дека се во фаза на подготовка за решение во целата земја.

    „На чекор сме од тоа гинеколозите од болниците да бидат и матични гинеколози за оние места и региони каде нема, односно Фондот да им даде печат и да даваат и вакви здравствени услуги. Таков е примерот со Прилепската болница, каде има само четворица гинеколози, од кои двајца заминуваат во пензија. Идејата е овие лекари да бидат и матични, не само за Прилеп, туку и за поширокиот регион, како што е Крушево, каде исто нема матичен гинеколог“, рече Филипче.

    Според него најголем е проблемот со недостиг од матични гинеколози и дека ако треба лекарите ќе работат и втора смена, а сега Фондот бара начин како да им плати.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира