ПО ОСУМ ГОДИНИ ОДБЛОКИРАНИ СМЕТКИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

    ПО ОСУМ ГОДИНИ ОДБЛОКИРАНИ СМЕТКИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТАОд државниот буџет беа префрлени 2,5 милиони евра и се подмирија повеќе од половината од долговите на битолското образование. Со блокирана смета остана само едно училиште (Фото: СДК.МК)

    Одблокирани се сметките на 13 основни и средни училишта во Битола преку средствата што од државниот буџет беа пренаменети за општините. Проблемот со блокираните сметки на училиштата се провлекуваше осум години, период кога одвај се обезбедуваа средства и за основните хигиенски потреби. Од државниот буџет беа префрлени 2,5 милиони евра и се подмирија повеќе од половината од долговите на битолското образование. Со блокирана смета остана само едно училиште.

    „Она што беше рак-рана на Битола беа блокираните сметки на училиштата, од 14 блокирани училишта, колку што беше, уште само едно е блокирано, тоа е ‘Крсте Петков Мисирков’ во Бистрица. Долговите на училиштата не се целосно одблокирани, но се работи и во тој дел. Важно во моментов е што училиште со блокирана сметка е само едно во сите основни и средни во општина Битола“, изјави претседателот на Советот Валентин Груевски.

    Со ова се подмирува долгот за потрошена струја, нафта, побарувањата на дел од превозниците, долговите кои со години се трупаа кон јавните претпријатија и според расправите во Советот, изнесуваа 11 милиони денари кон „Водовод“, кон „Нискоградба“ е 4 милиони, а кон „Комуналец“ 10 милиони денари. Вкупниот долг на училиштата, според изјавите на актуелната локална власт кој го наследи во 2017 беше 4,6 милиони евра.

    Лани на десет дена пред почетокот на учебната година битолските училишта поради долг над 100.000 евра останаа без струја. Сметки престанаа да плаќаат во април 2017 шест месеци пред локалните избори. Лани беа преземени итни мерки и струјата беше вклучена.

    Тоа што со средства од државниот буџет се одблокирани училиштата опозиционата ВМРО-ДПМНЕ смета дека е постигната времена финансиска стабилност, но не и конечно решение за долговите.

    „Коренот на овој проблем лежи во методологијата со која се одредуваат висината на блок дотациите што стигаат до општината како трошоци за училиштата. Во моментов да, со Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа се доведе до некаква си финансиска стабилност на училиштата. Но, разликата меѓу обврските што дневно ги создаваат училиштата и оние што стигнуваат како блок дотации постои. Ова не е финално решение, туку амортизирање на проблемот“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира