ВО „РЕКЕТ“ МОРА ДА ОДГОВАРААТ И ОНИЕ КОИ СЕ ПРЕТСТАВУВААТ КАКО ЖРТВИ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    ВО „РЕКЕТ“ МОРА ДА ОДГОВАРААТ И ОНИЕ КОИ СЕ ПРЕТСТАВУВААТ КАКО ЖРТВИ, ВЕЛИ ЗАЕВЗаев кажа дека цврсто стои на својата определба за недискриминација и за почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата. - Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата на 9 јули (Фото: К. Попов)

    Зоран Заев вели дека како граѓанин и премиер има право да бара сите замешани во случајот „Рекет“ кои го прекршиле законот да си одговараат со соодветни казни, а одговорност мора да има и за сите оние кои прават сè за да се спасат и притоа се претставуваат како жртви. Во интервју за државната агенција МИА, Заев потсети дека прв го пријавил случајот и очекува темелна, многу прецизна, брза и независна истрага.

    „Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сè да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви“, изјави Заев за МИА.

    Осомничени во случајот „Рекет“ се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, на кои Основниот кривичен суд вчера им го продолжи притворот за нови 30 дена, откако беа уапсени на 15 јули. Двајцата се осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра, а Боки 13 и за перење пари. Сведок-жртва во случајот „Рекет“ е бизнисменот Орце Камчев. Италијанскиот весник „Ла Верита“ минатата недела објави серија разговори меѓу Боки 13 и Камчев и во дел од разговорите Боки 13 ја истакнува својата блискост со премиерот Заев и му ја гарантира на Камчев неговата поддршка.

    На 10 август, Заев отфрли каква било поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 во врска со случајот „Рекет“ и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата. Вчера, пак, премиерот кажа дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да ја симнат оваа влада од власт, одговарајќи на прашање за „Рекет“.

    Прашан од МИА за квалификациите „криминалци, педери, суетни и идиоти“, Заев кажа дека цврсто стои на својата определба за недискриминација и за почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата.

    „Во Северна Македонија нема веќе напади врз ЛГБТ лица, се одржа слободна и безбедна парада, а сексуалната определба е вклучена во измените на новиот Закон за антидискриминација, за кој опозицијата гласаше против“, изјави Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира