НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ ОД ТРНОДОЛ И ЖДАНЕЦ ДА НАПРАВИТЕ ДЕБАР МААЛО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ И БАРААТ СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГОЕВ ЗА НОВИОТ ПЛАН

    НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ ОД ТРНОДОЛ И ЖДАНЕЦ ДА НАПРАВИТЕ ДЕБАР МААЛО, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ И БАРААТ СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГОЕВ ЗА НОВИОТ ПЛАНОпштинарите најпрво ги убедуваа граѓаните дека јавната анкета е само процедура и не значи носење на планот, но по жестоките притисоци проследени со скандирање „Трнодол не го даваме“, попуштија. Им рекоа дека ќе се закаже нова анкета во септември, а пред тоа ќе се организира и средба со Богоев. (Фото: СДК.МК)

    Нема да ви дозволиме од Трнодол и Жданец да направите Дебар Маало, рекоа денес жителите на овие населби на јавната презентација на Деталниот урбанистички план (ДУП) Ј03 блок 7. Граѓаните не дозволија да се одржи јавната презентација бидејќи е сред лето, и побараа таа да се закаже во септември, а пред тоа да имаат состанок со градоначалникот Стефан Богоев.

    Општинарите најпрво ги убедуваа граѓаните дека јавната анкета е само процедура и не значи носење на планот, но по жестоките притисоци проследени со скандирање „Трнодол не го даваме“, попуштија. Им рекоа дека ќе се закаже нова анкета во септември, а пред тоа ќе се организира и средба со Богоев.

    „Зошто сакате да уништите една нормална населба, каде има нормални услови за живот? Сакате да го претворите овој дел во Дебар Маало. Не ни треба зголемување на висината на нашите домови, ниту нови сообраќајници кои ќе го уништат мирното живеење. Не сакаме да чуеме ништо за овој план, тој за нас не постои. Треба нас да не чуете што ни треба, а не некој проектант од не знаеме каде да црта маркички и затвора улици”, рекоа жителите на Трнодол.

    Според планот, се предвидува дел од улицата Трнодол да не постои, што според жителите, е можност тука да биде вцртана маркичка за зграда. Богоев, пак, тврди дека на тој простор ќе има зеленило.

    Забелешка на граѓаните се и новите згради кои се вцртани на улицата Козле, како и изградбата на мост преку кој ќе се одвива сообраќајот заради затворање на улицата Трнодол.

    Како што најавија претставниците од Општина Карпош, кон крајот на август ќе биде организирама средба со градоначалникот Богоев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира