ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ УЛИЦАТА ЗА ВЛЕЗ ВО ТРНОДОЛ ДА СЕ ПРАВИ ЗГРАДА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА НАСЕЛБАТА, БОГОЕВ ТВРДИ ДЕКА ТАКВО НЕШТО НЕМА ВО НОВИОТ ДУП

    ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ УЛИЦАТА ЗА ВЛЕЗ ВО ТРНОДОЛ ДА СЕ ПРАВИ ЗГРАДА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИ НА НАСЕЛБАТА, БОГОЕВ ТВРДИ ДЕКА ТАКВО НЕШТО НЕМА ВО НОВИОТ ДУПВо писмото испратено до нашата редакција се вели дека градоначалникот Стефан Богоев со новиот ДУП предвидува да се затвори главниот и единствен влез на населба Трнодол, за да може на тоа место да се зацрта маркица за зграда во подножјето до каналот кој го чува Скопје од поплави. Богоев вели не е точно ниту дека на влезот од Трнодол ќе има згради, туку напротив ќе има парковско зеленило. (Фото: Општина Карпош)

    Општина Карпош среде лето и летни одмори предлага нов, скандалозен Детален урбанистички план (ДУП) за населбите Трнодол, Жданец и Козле, кој е потенцијална опасност за безбедноста на граѓаните и со кој овие наслеби ќе се претворат во Дебар Маало, велат жители на овие три скопски населби.

    Во писмото испратено до нашата редакција, се вели дека со новиот ДУП се предвидува да се затвори главниот и еднинствен влез на населба Трнодол, за да може на тоа место да се  зацрта маркица за зграда во подножјето до каналот кој го чува Скопје од поплави.

    „Предвидено е да се изгради мост преку заштитниот канал и  граѓаните од Трнодол да се приклучуваат во улицата на населба Жданец под  непрегледен агол од 90 степени.  Покрај небезбедното сообраќајно решение, уште поголем проблем е  што во случај на земјотрес, поплави и пожар граѓаните од Трнодол и Жданец нема да имаат можност за евакуација. Во подножјето позади бензиската пумпа се предвидени уште две згради, кои дополнитело преставуваат опасност за населба Козле“, велат жителите на Трнодол, Жданец и Козле.

    Вториот проблем на кој реагираат граѓаните на населба Трнодол е зголемената  висина на секоја парцела за еден спрат повеќе плус поткровје, што може да предизвика претворање на овие населби во Дебар Маало и покрај предупредувањата дека ниту инфраструктурата ниту брдото не може  да ја издржи  потенцијалната градба.

    „Се става на анкета ваков план среде лето, кога повеќето од граѓаните се на одмор и не се информирани што се подготвува од Општината, и сме револтирани од нетранспаретноста на целиот процес иако градоначалникот Богоев во изборната кампања нè убедуваше во спротивното“, додаваат граѓаните.

    Од Општина Карпош велат дека ваквите изјави на граѓаните не се точни и дека планот не се носи среде лето за да се сокријат одредени работи, туку тој транспарентно е објавен на страната на Општината.

    „Не е точно дека планот се става на јавна анкета среде лето за да го видат граѓаните. Таа ќе трае до 20 август и граѓаните ќе можат да ги достават своите предлози. Не е точно ниту дека на влезот од Трнодол ќе има згради, туку напротив ќе има парковско зеленило. Утре во 13.30 часот ќе се одржи јавна презентација на ДУП-от и граѓаните ќе можат да видат дека не се предвидуваат такви содржини како што наведуваат“, вели градоначалникот Стефан Бoгоев.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари