Општина Струмица го повлече барањето за кредитно задолжување во висина од 43 милиони денари, средства кои беа планирани за проширување на гасоводната мрежа. Предлогот стаса од градоначалникот Зоран Заев кој беше усвоен од страна на струмичките советници со ребаланс на Буџетот.
„Конечна цел ни е Струмица да остане единствена општина која што нема кредит во Македонија. Знаејќи дека сме на крајот на својот мандат, јас како Градоначалник и советниците во Советот на општина Струмица, оваа право го оставаме на наредниот Совет и градоначалник во 2017 година по локалните избори во март или април. Знаејќи го тоа, ако тргнавме во постапка на земање на кредитот, самата постапка ќе завршеше кон крајот на годината и нечесно е, еден мандат на Совет и градоначалник да земат кредит, а друг мандат на Совет и градоначалник да го враќа“, изјави градоначалникот Заев
Гасификацијата на Струмица, според Заев ќе продолжи со сопствени средства. Во Буџетот ова година се планирани 12,5 милиони денари за проширување на мрежата во неколку комплекс зони во градот. Според него ова година за првпат ќе се пушти и гасоводна линија кон обработливите површини во населеното место Куклиш.
Гасификацијата на Струмица почна пред пет години и досега е изградена мрежа од околу 25 километри. Повеќе стотици домаќинства и правни лица се приклучени на гас чија цена е 32 денари за метар кубен