Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал претставува благороден и високо морален чин, кажа прославениот македонски поет Влада Урошевиќ на отворањето на 58. издание на Струшките вечери на поезијата, најстарата светска поетска манифестација која се одржува во континуитет.
Урошевиќ, кој годинава наполни 85 години, е првиот поет кој ја изговорил „Поетската порака“ на отворањето на фестивалот, што е новитет воведен годинава.
„Тоа што ја одржува во живот поезијата е отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. Песната станува еден вид отпор против сè пожестоката и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Светот вели: ‘Сè е на продажба!‘, а песната одговара: ‘Сè освен мене!‘“, порача Урошевиќ.
Церемонијата на отворањето на СВП на сцената пред Центарот за култура почна со читање на „Т`га за југ“ на четири јазици – македонски, англиски, албански и француски, што е уште еден новитет, како тенденција за почитување и збогатување на мултикултурноста во земјава.
Фестивалот беше отворен со палење на фестивалскиот оган и огномет во присуство на голем број од годинашните 32 поети-ученици од 24 земји, вклучувајќи ја и добитничката на „Златен венец“, романската поетеса Ана Бландијана.