Советот на јавни обвинители утре на седница ќе расправа за вмешаноста на Специјалната обвинителка Катица Јанева во случајот „Рекет“ и ако утврди елементи за разрешување ќе се извести Собранието. Седницата е закажана за 11 часот.
Јанева на 21 август доби 30 дена притвор како осомничена за злоупотреба на службената положба во случајот „Рекет“.
Советот може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на член 18 на Законот за СЈО, на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата и да го извести Собранието, каде комисиски ќе се разгледа по што, Собранието на пленарна седница со двотретинско и Бадентерово мнозинство треба да утврди формален предлог за разрешување на Јанева, кој ќе оди на конечно решавање во Советот.
Во законот за СЈО не е предвидена замена за Специјалната обвинителка, ниту е утврдена постапка за избор на нов шеф.
Јанева поднесе оставка на 15 јули, и рече дека ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник. Оставката ја најави со објава на сајтот на СЈО, кусо откако иститот ден беа приведени прво и второосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец. Мандатот на Јанева истекува на 15 септември.
Утре на седница во Собранието на дневен ред е донесувањето на новиот Закон за Јавно обвинителство, според кој СЈО ќе стане дел од новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.