Тренерот на Болоња Синиша Михајловиќ имаше емотивно враќање на терен шест недели откако објави дека боледува од леукемија.
Педесетгодишниот српски стручњак го водеше тимот на средбата со Верона (1:1) на стартот на новата сезона во Серија А, откако последните 41 ден ги помина во болница поради хемотерапија. Тој со тоа го исполнил своето ветување дека ќе биде со играчите кога ќе почне новата сезона, а поддршка доби и од фановите на противничката екипа.
„Ова беше големо изненадување за нас, затоа што минатата недела тренерот ни кажа дека не е 100% сигурен дали ќе може да дојде. Затоа бевме многу среќни и тоа ни даде огромен поттик. Жалиме што не успеавме да го израдуваме со победа“, изјави крилото на Болоња, Рикардо Орсолини.
Михајловиќ се врати на клупата на Болоња во јануари и потоа ја спаси од испаѓање од Серија А.