ОСТАВЕНИТЕ ДЕЦА ВО АВТОМОБИЛ НА ПАРКИНГ ВО СКОПЈЕ СМЕСТЕНИ ВО ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО

    ОСТАВЕНИТЕ ДЕЦА ВО АВТОМОБИЛ НА ПАРКИНГ ВО СКОПЈЕ СМЕСТЕНИ ВО ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВООд Меѓуопштинскиот центар за социјални работи велат дека по проценка од стручниот тим децата се сместени во згрижувачко семејство

    Двете деца кои вчера беа оставени во автомобил на паркинг во населбата Ново Лисиче во Скопје и кои ги пронајде полицијата по пријава од граѓани се сместени во згрижувачко семејство.

    Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје велат дека со оглед на случувањата од синоќа стручен тим од центарот одлучил дека во најдобар интерес на децата е тие да бидат одвоени од родителите и да им се пружи потребната грижа и нега.

    „Стручниот тим ќе работи со родителите и врз основа на информациите од останатите институции ќе се одлучи какви мерки ќе се преземат понатаму“, велат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

    Според информациите од Министерството за внатрешни работи вчера вечер полицијата добила пријава од граѓани дека во возило со скопски регистарски таблички две деца се заклучени на паркинг на улицата Видое Смилевски Бато. По интревенцијата на полициските службеници и со возило на итната медицинска помош децата биле однесени на Клиниката за детски болести.

    МВР соопшти дека ги пронашло родителите и дека известиле јавен обвинител за расчистување на случајот.

    Од Клиниката соопштија дека децата при приемот биле во свесна состојба, исплашени и благо дехидрирани, и дека се задржани на опсервација ноќта, а денес се испишуваат во добра здравствена состојба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира