ШЕФОТ ВО „ДУРМО ТУРС“ КОЈ МАНИПУЛИРАЛ СО ТАХОГРАФИТЕ Е ОСУДУВАН И САМО СО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    ШЕФОТ ВО „ДУРМО ТУРС“ КОЈ МАНИПУЛИРАЛ СО ТАХОГРАФИТЕ Е ОСУДУВАН И САМО СО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИПокрај шефот на возниот парк, обвинети се и сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски. - Од увидот по сообраќајната несреќа кај Ласкарци на 13 февруари (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ремзи Мифтари, шеф на возниот парк во „Дурмо турс“, кој е еден од обвинетите за тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 38 беа повредени, имал само основно образование и бил претходно осудуван. Ова го кажа обвинителот Дарко Јакимовски во воведните зборови на денешното прво рочиште во Основниот суд Скопје 1 за големата трагедија која се случи лани.

    „Мифтари немал ниту еден ден стручна обука или курс или каква било компетенција, раководел и управувал со работењето на превозникот“, продолжи обвинителот Јакимовски.

    По налог на Мифтари биле ставени уреди за манипулација во тахографот, а возачите ги активирале со прекинувач за да не се прикаже реалната брзина на движење. По несреќата, кај два автобуси биле извадени уредите за манипулација на брзината.

    Покрај Мифтари, кој претходно бил осудуван, во овој предмет обвинети се и сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски.

    Судењето го води судијката Дијана Груевска. Обвинителот Јакимовски во воведните зборови рече и дека судиите ќе судат за катастрофалните последици кои можело и морало да бидат избегнати.

    „Дејствијата на овие обвинети се во директна врска со настапената последица која резултираше со смрт на 16 лица патници во автобусот, а 38 лица се здобија со телесни и тешки телесни последици. Не постои криминален ребус кој не може да се одгатне. Овој настан е кумулација на голем број пропусти кои не настанале спонтано“, потенцираше Јакимовски.

    За возачот, обвинителот рече дека не бил под дејство на алкохол, замор, лекови или други супстанци и не користел телефон или друга направа за да му го одземе вниманието.

    „Положбата му била стабилна со две раце на воланот. Фокусирано следел што се случува, но ништо не презел“, кажа обвинителот.

    Јакимовски рече и дека тројцата контролори во станицата за технички преглед требало да спречат воопшто автобусот да влезе во сообраќај.

    „Никогаш, буквално никогаш не се случило автобус да не го помине техничкиот преглед заради технички неисправности. Само во 2019 година се констатирани неисправности кај 80 автобуси кои биле на контрола“, кажа Јакимовски.

    Во предметот, обвинетите се гонат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира