Министерот за животна средина Насер Нуредини ги повика граѓаните и институциите да се приклучат на мисијата на неговото министерство „Јас не загадувам“, да почнат со селекција на отпадот и да станат енергетски поефикасни.
На прославата на Денот на независноста – 8 Септември во Градскиот парк во Скопје, тој носеше кутија во која граѓаните можеа да ги фрлат искористените батерии. Премиерот Зоран Заев го посети штандот на Министерството за животна средина, каде што остави искористени батерии.
„Ние во Министерството за животна средина сме среќни што премиерот Зоран Заев се приклучи на нашата мисија ’Јас не загадувам‘. Сакаме сите наши институции да почнат со селекција на отпадот и да станат енергетски поефикасни. Истовремено, ги повикуваме граѓаните да ни се приклучат на мисијата ’Јас не загадувам‘ за да обезбедиме почиста животна средина за нас и за идните генерации“, вели министерот Нуредини.
На штандот на министерството за екологија во Градскиот парк имаше поставено пункт за собирање искористени батерии, како дел од акцијата за подигнување на јавната свест во борбата против загадувањето. Граѓаните кои донесоа најмалку 5 батерии добија екоподароци од министерството.
Акција за собирање на истрошените батерии во државата имаше од 2011 до 2014 година со поставување стаклени кутии во поголемите супермаркети. Акцијата тогаш беше поддржана од Шведската амбасада, а ја спроведуваше невладина организација.
Кусо по изборот за нов министер за животна средина, Нуредини кажа дека не планира да измислува нови методи, туку да ги следи примерите на успешните, споменувајќи ја Љубљана како позитивен пример со селекцијата на отпадот и рециклирањето. На неговата прва прес-конференција како министер, тој кажа дека и самиот во текот на својата кариера работел на неколку проекти поврзани со третманот на отпад и неговиот пристап на овој проблем е дека нема само да седи и да чека помош во справувањето со отпадот туку дека активно ќе бара стручњаци и компании од странство кои ќе можат да понудат современи и применливи решенија.
Веднаш штом стапи на функцијата, кон средината на јули оваа година, Насер Нуредини нареди во Министерството за животна средина да се одвојува отпадот и да се носи на рециклирање. „Ние треба да бидеме пример за сите други министерства, државни институции и јавни претпријатија“, вели Нуредини и најавува дека наскоро во министерството со кое тој раководи ќе биде елиминирана и пластичната амбалажа.
Четириесетгодишниот Нуредини потекнува од тетовското село Камењане. Неговото семејство се преселило во Виена уште додека бил дете. Се школувал во Австрија, Германија и Велика Британија. Тој е избор на премиерот Зоран Заев врз основа на неговото искуство во Лондон и Виена како аналитичар и инвестициски менаџер за пазарите во Централна и Источна Европа .
М. ИЛИОСКИ