ИЛИНА АРСОВА СЕ СПРЕМА ДА ГО ОСВОИ ВИНСОН НА АНТАРКТИКОТ И ДА СТАНЕ ПРВА МАКЕДОНКА КОЈА ГИ ИСКАЧИЛА СЕДУМТЕ ВРВОВИ НА СЕДУМ КОНТИНЕНТИ

    ИЛИНА АРСОВА СЕ СПРЕМА ДА ГО ОСВОИ ВИНСОН НА АНТАРКТИКОТ И ДА СТАНЕ ПРВА МАКЕДОНКА КОЈА ГИ ИСКАЧИЛА СЕДУМТЕ ВРВОВИ НА СЕДУМ КОНТИНЕНТИ„Денес можам да се пофалам дека освен највисокиот врв на планетава, Монт Еверест 8.848 метри, и 6 од 7 континенти, имам искачено вкупно 6 врвови над 6.000 метри, десетина врвови со над 5.000 метри и уште многу со висина од околу 4.000 метри“, вели алпинистката. - Арсова во Демир Капија (Фото: В. Шукалиа)

    Алпинистката Илина Арсова се подготвува да го искачи седмиот врв од седумте континенти, врвот Винсон на Антарктикот. Со искачувањето на овој врв, Арсова ќе биде единствена жена од нашата земја и една од 70-тина жени на светот кои го завршиле овој предизвик.

    Овој врв со своите 4.892 метри надморска висина, вели Арсова, е всушност најнискиот во низата од сите седум, но тој е истовремено и најизолираниот, најстудениот и еден од најсериозните за искачување.

    „Освен надморската висина на еден врв, голема улога игра и неговата местоположба, затоа Винсоновиот масив на Антарктикот е навистина сериозен предизвик како технички, логистички и финансиски, земајќи во предвид дека е многу тешко пристапен и нема многу начини да се стигне до таму“, ни рече алпинистката.

    Арсова на скијање на вулканот Етна, Сицилија највисок активен вулкан во Европа (Фото: Приватна архива)

    Седумте врвови се највисоките планини на сите седум континенти. Искачувањето на сите седум се смета за светски високогорски предизвик, за првпат поставен како таков и реализиран на 30 април, 1985 од Ричард Бас.

    „Основната листа дадена од Бас, го вклучува Козиоско со 2.228 метри како највисок врв на Австралија, сѐ додека Реинхолд Меснер не постави нова листа, заменувајќи го Козиоско, со индонезискиот врв Пунџак Џаја со 4.884 метри како највисок на континентална Австралија со Океанија. Од планинарски аспект, листата на Меснер се зема како потежок предизвик бидејќи Пунџак Џаја, уште позната како Карстната пирамида, има вистински експедициски карактер и е технички доста потешка за искачување“, вели Арсова.

    Статистиките велат дека има вкупно 416 луѓе на светот кои ја комплетирале оваа задача. Од овааа статистика 345 се мажи и само 71 жена и тоа: 148 кои ги искачиле и двата 7+1 односно Карстна пирамида + Козиоско, од кои 18 се жени. 48 жени – по Меснеровата листа (Карстна пирамида), а според листата на Бас (Козиоско) 37 жени .

    Арсова секојдневно тренира на локалната карпа во Охрид каде живее (Фото: В. Шукалиа )

    Арсова вели дека подготвувањето е нејзино секојдневие. Речиси 15 години интензивно се занимава со планинарски спортови и разни активности во природа.

    „Уште одамна тоа е мој животен стил, она што ме исполнува и ми претставува задоволство. Едвај чекам да сум слободна од други обврски за да имам време да тренирам и поминам време на планина. Нормално има и денови кога времето е влажно, уморни сме или чувствителни и не е лесно да се извлечеш од дома за да тренираш, но штом го направиме првиот чекор веќе почнуваме да уживаме, а телото и умот се благодарни што сме го направиле правилниот избор“, вели таа.

    Искуството на секој од досега искачените врвови за неа е возбудливо. Се обидува тоа да го прави со минимална логистика, во мало друштво или сосема сама, кога постои таква опција. Така одговорноста и ризикот се зголемуваат, но задоволството по успешно искачување исто така е поголемо. Ги издвојува Аконкагва (Јужна Америка) 2011, Денали (Северна Америка) 2012, 2016 и Еверест (Азија) 2013 како едни од најтешките подвизи кои досега ги постигнала заедно и со некои други високи планини, како на пример Ама Даблам во 2011.

    „Мислам дека до сега имам искачено преку 200 различни насоки во карпа со различна должина и тежина“ вели Арсова (Фото: В. Шукалиа)

    Таа вели оти се задржува на Меснеровата листа, како потешка варијанта на предизвикот 7 врвови. Првиот врв Аконкагва го искачила во 2011 година. Тогаш не можела да претпостави дека ќе ги искачи сите 7.

    „Со искачувањето на Еверест во 2013, некако се чувствував дека сум на пола пат и дека сигурно можам да ги качам и останатите. Проблемот беше во финансиите, особено за некои од овие подалечни и потешко пристапни врвови, каде не беше лесно да соберам доволно средства. Се обидував да качувам по еден до два поголеми врвови годишно, но не задолжително тие беа дел од оваа листа. Тоа е другиот проблем, што мојата цел и мисија не застанува тука со овие 7. Во светот има многу планини и врвови кои ме привлекуваат поради својата форма, или местоположба, така што оние години кога немав доволно средства за да ја следам програмата, успевав само иницијативно да вметнам и некои други интересни планини кои го градеа моето високогорско искуство. Денес можам да се пофалам дека освен највисокиот врв на планетава, Монт Еверест 8.848 метри, и 6 од 7 континенти, имам искачено вкупно 6 врвови над 6.000 метри, десетина врвови со над 5.000 метри и уште многу со висина од околу 4.000 метри“, додава алпинистката.

    Од искачувањето на Денали, Алјаска (Фото: Приватна архива)

    Арсова исто така е уметница, а и голем љубител на скијањето и на качувањето карпи.

    „Секој слободен момент го користам за тоа, како во земјава така и ширум светот. Мислам дека досега имам искачено преку 200 различни насоки во карпа со различна должина и тежина“, вели таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира