ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ АМЕРИКАНСКИ ФОТОГРАФ РОБЕРТ ФРАНК

    ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ АМЕРИКАНСКИ ФОТОГРАФ РОБЕРТ ФРАНК„Нема веќе таков вид на фотографија како што сликав јас. Денес има премногу фотографии. Премногу“, рече Франк во 2004. – Роберт Франк во Њујорк во 2016 (Фото: Алами)

    Легендарниот американски фотограф Роберт Франк, кој имаше големо влијание врз голем број генерации со неговиот суров и моќен стил, почина во Њујорк на 94 години. Влијателната книга фотографии „Американците“ на Франк, кој е родум од Швајцарија, за која уводот го напиша Џек Керуак, авторот на романот „На патот“ од бит-генерацијата, го смени правецот на фотографијата со 83-те слики, отфрлајќи многу дотогашни концвенции на уметничката форма.

    Сликани со „лајка“ камера од 35 милиметри, црно-белите фотографии се сметаат за ремек-дело на Франк, а во фокусот се личности од маргините на американскиот живот – од тинејџерски двојки до работници во фабрики и велосипедисти.

    Критичарката на „Њујоркер“ Џенет Малколм во текстот насловен „Манè на новата фотографија“ го нарече Франк татко на „естетската слика“, кој лови спонтани моменти.

    „Еднаш мајка ми ме праша зошто постојано сликам сиромашни луѓе“, изјавил Франк за „Њујорк тајмс“. „Тоа не беше точно, но имам симпатии кон тие луѓе кои се борат. Исто така, имам недоверба кон луѓето кои ги создаваат правилата“.

    Фотографија на Франк од Њу Орлеанс во 1955, која е дел од книгата „Американците“

    Во 1960-те и 1970-те Франк се промовираше како авангарден филмаџија, снимајќи кратки филмови со Керуак и Ален Гинзберг. Филмската критичарка на „Њујорк тајмс“ Манола Дарџис го нарече Франк „еден од најзначајните и највлијателни американски филмски уметници на последниот половина век“. Во 1972 сними и документарен филм за турнејата на „Ролин стоунс“ во САД, но бендот го тужеше со обид да го спречи излегувањето на филмот. Музичарите беа прикажани како користат дроги и имаат групен секс.

    Во приватниот живот му се случија две трагедии: неговата ќерка Андера загина во авионска несреќа во 1974 на 20-годишна возраст, а 20 години подоцна, неговиот син Паоло се самоуби откако се лечеше од шизофренија.

    „Нема веќе таков вид на фотографија како што сликав јас. Застарена е. За мене фотографијата веќе нема поента, немам задоволство од фотографирањето. Денес има премногу фотографии. Премногу“, изјави Франк за „Гардијан“ во 2004.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира