ОД ПРВИ ОКТОМВРИ ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊЕ И САМО СО ЛИЧНА КАРТА НА ТОЈ ШТО ГИ ПОДИГА

    ОД ПРВИ ОКТОМВРИ ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊЕ И САМО СО ЛИЧНА КАРТА НА ТОЈ ШТО ГИ ПОДИГА„Од први октомври, при препишување лекови ќе се бара граѓанинот да покаже лична карта, како и при подигање на лекот. За децата, лековите ќе ги подигаат родителите. Ќе може да подигнат лек и за член на семејството, но тој што подига да покаже лична карта", вели Даниел Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување. (Фото: СДК.МК)

    Лековите на рецептот од први октомври во аптеките ќе се издаваат без ограничувања со квоти. Ќе може да се подигнат од сите аптеки што имаат договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) со лична карта на тој што подига.

    „Од први октомври, при препишување на лекови ќе се бара граѓанинот да покаже лична карта, како и при подигање на лекот. За децата, лековите ќе ги подигаат родителите. Ќе може да подигнат лек и за член на семејството, но тој што подига да покаже лична карта”, вели Даниел Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување и додава дека со тоа ќе се реши недостатокот на лекови на рецепт.

    Минатиот месец, квотите на аптеките беа укинати во туристичките места Охрид, Дојран, Гевгелија, Ресен и Струга. Министерот за здравство Венко Филипче тогаш рече дека во овие места квотите побрзо се трошат, бидејќи има граѓани кои таму одат на подолготраен престој и ги трошат лековите.

    „Од она што имаме како податоци, во одредени места беше зголемена потрошувачката на лекови“, рече Орхан Рамадани директор на Фондот.

    Тој најави дека планираат за неколку месеци да воведат електронски рецепт, а хартиените рецепти да ги укинат.

    „Притоа, ќе се воведе систем на скенери на личните документи и во реално време ќе имаме информација и евиденција на кого е препишан лекот и кој го подигнал“, рече Дончев.

    Тој кажа дека планираат да ги субвенционираат читачите во аптеките.

    „Чинат околу 300 евра и планираме да ги покриеме тие трошоци, но тоа ќе биде откако ќе направиме промена на системот“, рече Дончев.

    Тој кажа дека имаат податоци дали и колку укинување на квотите ќе влијае на потрошувачката на лекови, но дека тоа дополнително ќе информираат.

    „Битно е дека граѓаните веќе нема да стравуваат дека ќе останат без лек“, рече Дончев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира