ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО ПРЕДВОДИ ПРОТЕСТОТ НА ЛЕКАРИТЕ ПО СЕРИЈАТА ФИЗИЧКИ НАПАДИ НА НИВНИТЕ КОЛЕГИ

    ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО ПРЕДВОДИ ПРОТЕСТОТ НА ЛЕКАРИТЕ ПО СЕРИЈАТА ФИЗИЧКИ НАПАДИ НА НИВНИТЕ КОЛЕГИОрганизаторот на протестот, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, во саботата го покани министерот за здравство да го предводи протестот како специјалист неврохирург. (Фото: Министерство за здравство)

    Министерот за здравство Венко Филипче ја прифати поканата да го предводи протестот на здравствените работници што ќе се одржи в среда во кругот на Клинички центар, по серијата физички напади на нивни колеги изминатиов период. Протестот го организира Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, која бара итно донесување на Закон за докторска дејност, законско санкционирањето на напад на медицинар, по принципот изедначување на напад на медицинар со напад на полицаец, како и итно и сериозно организирање на служби за обезбедување во секој здравствен објект без исклучок, во обем согласно потребите и прометот на пациенти.

    „Потврдив дека ќе присуствувам. Ќе почнеме и кампања за подигнување на јавната свест. Да се знае дека насилството не е апсолутно никаков начин за решавање на проблемите. Тоа се луѓе кои се борат за животите на најблиските. Кој е тој што може со физичко насилство и кои се мажишта што тепаат докторки, сестри и доктори дежурни, кои се борат за животите на нивните најблиски? Таа е срамота, тоа ја надминува секоја логика“, кажа Филипче на вчерашната прес-конференција.

    Повод за протестот се неколкуте напади на здравствени работници изминатиов период, кои кулминираа со нападот на дежурни лекари, сестри и болничари во скопската болница „Св. Наум Охридски“ на 12 септември од придружба на пациент со повреда на раката. Претходно во Тетово беше претепан лекар до бессознание, а во Кавадарци и Драчево беа нападнати медицински сестри.

    Ден по нападот во болницата „Св. Наум Охридски“, Филипче имаше координативен состанок во Министерството за внатрешни работи со претставници на здруженијата на здравствените работници, по што најави дека Министерството за здравство ќе ангажира професионално обезбедување во јавните здравствени установи за да ги заштити здравствените работници и соработници од напади.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира