Последиците од климатските промени се повеќе од очигледни во Преспа. За петнаесетина дена ќе започне бербата на годинешниот род, а дел од јаболкниците како да биле зафатени од катаклизма. Уште е видлив пустошот што зад себе го остави невремето слично на торнадо што пред два месецa ја зафати Долна Преспа.
Наместо големи и сочни јаболка, тие исчукани од градот во јули уште скапуваат по гранките или испаѓани по земјата. Во очајна состојба е и лисната маса од дрвјата, како да доживеала дожд од куршуми, лисјата се издупчени и искинати.
Овоштарите прогнозираат дека за една третина ќе биде намален родот годинава. Наместо 150.000 тони јаболка, Преспа годинава ќе даде од 100.000 тони. Погледите на овоштарите се свртени кон небото, стравувајќи да не им се повтори градот среде берба од октомври лани во Јанковец, а преклани пред самата берба градот ги собра јаболката во Грнчари.
„Годинава, околу 100.000 тони род ќе имаме под услов да нема невреме до крајот на месецов. Опасноста стои и виси до последен момент. Деновиве бевме сведоци дека имаше невреме во Струмица и Струга. Никој од постарите не паметат по 15 јуни град во текот на летото во јули, август, септември и октомври во Преспа до крајот на 1980-те, за во 1990-те срамежливо да почне по некоја година да паѓа град, а последнава деценија е редовна појава. Од 2014 па наваму, дури и во октомври има град“, вели Љубе Пампулевски претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.
Тој посочува дека Преспа е еден од најпогодените региони во земјава од климатските промени. Но, проблемов се чувствува и во Грција и Албанија, па неопходно е заедничко наоѓање решение.
Ж. ЗДРАВКОВСКА