ТРИЕСЕТИНА ВЕЛЕШКИ СЕМЕЈСТВА ОД ОПШТИНАТА ЌЕ ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ ГРЕЈНИ ТЕЛА

    ТРИЕСЕТИНА ВЕЛЕШКИ СЕМЕЈСТВА ОД ОПШТИНАТА ЌЕ ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ЕФИКАСНИ ГРЕЈНИ ТЕЛАЕдно семејство ќе може да добие најмногу 15.000 денари за инвентор или печка на палети (Фото: СДК.МК)

    Откако државата не го вклучи Велес меѓу градовите каде ќе се субвенционира греењето на инвентори, Советот на Општина Велес едногласно донесе одлука да ги субвенционира своите граѓани во набавката на енергетско ефикасни грејни тела – инвентори и печки на палети. Едно семејство ќе може да добие најмногу до 15.000 денари, а парите се обезбедени од буџетот на Општина Велес во вкупна вредност од половина милион денари.

    „Дел од велешани се греат на енергенси кои го загадуваат воздухот. Можеби сумата што годинава е одделена е мала, но претставува повеќе од нула, колку што години наназад се потрошени“, образложи Весна Стојанова-Богоевска во името на предлагачот, советничката група на СДСМ.

    На ова реагираше Петре Саздов од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара повеќе средства за реализација на одлуката.

    „За почеток, можат да се пренаменат средствата од јавните претпријатија кои прават загуби и трошат пари за ништо. Оваа иницијатива да не биде популистичка, зашто половина милион денари се малку за нејзина реализација, тоа се 15 инвентори или печки на палети, толку семејства ќе ги искористат“, рече Саздов.

    Стојанова-Богоевска одговори дека корист ќе имаат не 15-ина, туку двојно повеќе, до 34 велешки семејства. Според усвоениот правилник, предност ќе имаат семејствата со невработен(и) родител(и), корисници на социјална помош, семејства со член од маргинализирана група, инвалидизирано или хендикепирано лице, како и самохран родител.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира