БОКИ 13 НЕЈЌЕ ДА ДАДЕ ИСКАЗ ПРЕД РУСКОВСКА, САКА ПРВИН ДА ГИ ВИДИ ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ НЕГО

    БОКИ 13 НЕЈЌЕ ДА ДАДЕ ИСКАЗ ПРЕД РУСКОВСКА, САКА ПРВИН ДА ГИ ВИДИ ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ НЕГООсомничениот Боки 13 напладне беше спроведен во Обвинителството за организиран криминал и корупција од затворот во Шутка, каде што е во притвор од неговото апсење на 15 јули. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бојан Јовановски-Боки 13 не се задржа долго на распит кај Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, како првоосомничен во случајот „Рекет“ за тргување со влијание и перење пари. Тој напладне беше спроведен од затворот во Шутка, каде што е во притвор од неговото апсење на 15 јули.

    Според извори од истрагата, инсистирал да ги види доказите од истрагата против него, па потоа ќе давал исказ, што е негово законско право.

    Утре, на распит треба кај Русковска треба да дојде и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во „Рекет“, и е исто така во притвор во Шутка од 21 август. Во притвор за „Рекет“ е уште Зоран Милески-Кичеец, кој беше уапсен истовремено со Боки 13.

    Претходно, на распит за овој случај беа бизнисмените Силјан Мицевски, Зоран Азманов и Ардијан Амзоски, водителката Лила Филиповска, пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Меѓународниот сојуз Агапи Дика. Сослушани беа и Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Елизабета Јосифовска од СЈО.

    Истрагата е тајна, а Обвинителството за организиран криминал и корупција под водство на шефицата на ова обвинителство Вилма Русковска ја води од летото. Се знае само дека таа е во два дела засега, едниот е поврзан со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и нејзиниот пријател Бојан Јовановски кој на бизнисменот Орце Камчев му зел наводно милион и пол евра за Јанева да му даде од нов пасош, до конечно ослободување од кривична одговорност во истрагата за „Империја“, со отворање можност за спогодба за вина за да ја обештети државата, а да не лежи затвор.

    Останува непознат вториот дел, за измамите со изградбата на старечки домови, за кои бизнисмени како Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски наседнале и инвестирале првиот околу 700 илјади евра, Амзоски околу 200 илјади евра, а биле рекетирани и други, како Зоран Азманов и други, но не уплатиле ни евро. Под претпоставки на јавноста (зашто нема никакви информации од истрагата за овој втор нејзин дел), спорно е тоа што јавни личности како потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска – Ременски, Александар Кирацовски и Агапи Дика, молчеле додека Меѓународниот сојуз збирал пари за фиктивни старечки домови. Ташевска – Ременски била почесен претседател на Меѓународниот сојуз, а Кирацовски наводен олеснувач во контактите на Бојан Јовановски со битолската градоначалничка Наташа Петровска за да му поверува дека навистина ќе гради такви домови за стари лица и да му даде локација во Битола.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира