Загадувањето на реката Вардар во Скопје при што вчера дојде до помор на риби е предизвикано од погоните на компанијата „Арцелор Митал“, каде дошло до излевање на матријал измешан со железо и киселина, соопштија од Државниот Инспекторат за животна средина ((ДИЗС). При инспекцискиот надзор на капацитетите во рамките на поранешната фабрика „Железара“ надлежните од „Арцелор Митал“ кој е преземен од „Либерти Хаус Груп“, ги известиле инспекторите дека компанијата го предизвикала еколошкиот инцидент во неделата.
„Во работните простории на компанијата дошло до пукање при што се случило излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води. Поради тоа е предизвикано излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода во реката Вардар во утринските часови на 22 септември“, велат од Инспекторатот.
Од таму додаваат дека направен е записник, по што во постапката ќе следи соодветно решение во законскиот рок, а по добивањето на деталниот извештај за причините кои доведоа до инцидентот, ќе се постапи согласно законските прописи.
Вчера по течението на Вардар од населбата Ново Лисиче до Трубарево беше забележан помор на риби. Инспекторите од Град Скопје кои вчера беа на терен и земаа мостри од водата за да се направат испитувања, се сомневаа дека загадувањето е од индустриските капацитети во кругот на фабриката „Железара“, каде и е сместена компанијата „Арцелор Митал“.
А. АНТЕВСКА