ПОМОР НА РИБИ ВО ВАРДАР, ИНСПЕКТОРИТЕ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ЗАГАДУВАЊЕТО НА РЕКАТА Е ОД КРУГОТ НА „ЖЕЛЕЗАРА“

    ПОМОР НА РИБИ ВО ВАРДАР, ИНСПЕКТОРИТЕ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ЗАГАДУВАЊЕТО НА РЕКАТА Е ОД КРУГОТ НА „ЖЕЛЕЗАРА“„Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредни инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани“, велат од Инспекторатот на Град Скопје. (Фото: Град Скопје)

    Помор на риби поради загаденост на водата во Вардар утрово е забележан во течението на реката од населбата Аеродром до Трубарево.

    Жителите на населбата Аеродром утрово во Центарот за управување со кризи пријавиле дека забележале голем помор на риби во реката. По пријавата екипи од Инспекторатот на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ излегле на терен, при што првичните сознанија се дека загадувањето на реката доаѓа од индустриските капацитети во кругот на поранешната фабрика „Железара“.

    „Инспектори за животна средина заедно со екипи од ЈП ‚Водовод и канализација‘ земаа примероци на неколку локации по течението на реката на локациите каде е забележан помор на риби. Првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна ‚Железара‘. Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредни инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани“, вели Мирослав Богдановски раководител на Инспекторатот на Град Скопје.

    Од таму додаваат дека врз основа на анализите на примероците од водата ќе се знае каква точно течност е испуштена во Вардар и кој точно е загадувачот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари