ЈАНЕВА ДОНЕСЕНА НА РАСПИТ КАЈ РУСКОВСКА ЗА „РЕКЕТ“

    ЈАНЕВА ДОНЕСЕНА НА РАСПИТ КАЈ РУСКОВСКА ЗА „РЕКЕТ“Јанева е на распит како третоосомничена во случајот „Рекет“ за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. (Фото: Роберт Атанасовски/пул)

    Притворената поранешна специјална обвинителка Катица Јанева денеска околу пладне беше спроведена на распит кај Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јанева е на распит како третоосомничена во случајот „Рекет“ за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.

    Јанева веќе еднаш беше на распит кај Русковска за „Рекет‘, на 20 август, ден пред нејзиното апсење. Вчера на распит кај Русковска беше првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13, кој одби да даде исказ додека не направи увид во доказите, што е негово законско право.

    Од Обвинителството за организиран криминал и корупција вчера соопштија дека истражната постапка за осомничените лица е завршена и почнува да тече рокот од 15 дена за увид во доказите и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

    Во притвор за случајот „Рекет“ е и второосомничениот Зоран Милески-Кичеец, кој беше уапсен на 15 јули, истовремено со Боки 13.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира