Нова средба меѓу здруженијата на доктори и пациентите Лекарската комора планира за следната недела, на која ќе разговараат за да видат што е тоа што може да се промени за да се врати довербата меѓу пациентите и лекарите и да запре насилството.
„Само низ заеднички разговор едни со други може да ги препознаеме проблемите и да бараме решенија. Денешната средба беше една од првите што ќе следат натаму и е добар почеток за соработка. Нарушената доверба меѓу пациентите и лекарите мора да се врати. Јасно ни е дека и натаму ќе има нервози и незадоволство, ама сите заедно мора да се трудиме тоа да биде што помало и да нема насилство и инциденти“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора, која денес по серијата зачестени напади на лекарите организираше средба на повеќе здруженија на пациенти со четирите комори, односно Лекарската, Стоматолошката, Фармацевтската и Комората на медицински сестри, а присуствуваше и претседателката на собраниската комисија за здравство Мирсада Емине Асани.
Таа по денешната средба во комората изјави дека сите што работат со пациенти често се соочуваат со насилство, но дека генерално не е проблем само кај пациентите и дека тие најчесто незадоволни од други ќе се случи лошо да реагираат токму со најљубезниот меѓу нив.
„Неколку пати кажувам дека и ние како лекари треба да поработиме на себе и заедно со нашите пациенти да си ја зголемиме таа доверба, и ние да го подобриме нашиот однос, но и нашите пациенти да разберат дека насилството не е решение за какво било незадоволство“, вели Гривчева Старделова.
Таа вели дека како што веќе договориле на претходниот состанок со министрите за здравство, правда и внатрешни работи да има засилено полициско обезбедување околу поранешна градска болница, односно болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а на клиниките тоа да се реши со службите за обезбедување со тоа што ноќе ќе има отворен еден влез на интерните клиники или на хируршките.
„И денес кажав дека лично како лекар не би сакала од моите пациенти да ме чува полиција, туку моите пациенти да имаат доверба во мене и јас да бидам комотна и да седам со моите пациенти без страв дека ќе ме натепаат. Затоа е важно да разговараме едни со други, но да знаат и пациентите дека ако нападнат лекар дека ќе бидат казнети“, вели Гривчева-Старделова.
Недовербата кон лекарите, како што вели таа е резултат на политики од минатото, кога одеа и реклами добар и лош доктор, како и политиките со кои беше ограничено времето за преглед.
„Уште за време на штрајкот на лекарите инсистиравме дека 15 минути за преглед не се доволни, бидејќи пациентите не се бројка и пациентот не сака да оди кај некој што нема да има време да му посвети внимание. Лекарската комора заедно со Министерството за здравство ги смени правилниците за времетраењето на прегледите и на Клиниката за гастронтерохепатологија прегледот трае 25 минути, што е пристојно време за преглед“, вели Гривчева Старделова.
Весна Алексовска од здружението „Живот со предизвици“ вели дека насилството не е решение и дека недовербата што ја имаат пациентите кон лекарите е пред сѐ недоверба кон здравствениот систем, и дека често се случува тие долго да чекаат на дијагноза, на третман и дека во тие случаи често се случува луѓето да се очајни. Таа вели дека пациентите најчесто се жалат во здруженијата на пациенти и во Министерството за здравство, а многу поретко во Комисијата за заштита на правата на пациентите и во Државниот санитарен инспекторат и дека најчесто не добиваат задоволителни одговори. Таа вели дека кон тоа влијае и тоа што лекари од јавното здравство заминуваат во странство или во приватното здравство.
„Денешната средба беше добра за да си кажеме едни со други каде се проблемите. Им кажав дека ми требаа 5 години за да седнам на една маса 10 доктори заедно да работат на проблемот со ретките болести, а претходно не сакаа да работат. Се согласивме дека е клучно да разговараме едни со други за да се надминат проблемите“, вели Алексовска.
Виолета Котевска, претседател на Комората на медицински сестри, вели дека насилството врз здравството е хроничен проблем и потребна е долготрајна стратегија и кон владините институции, и кон лекарите сите вработени во здравството, но и кон пациентот. Таа вели дека на пациентот не можат да му забележат ако е нервозен, но дека семејството треба да остане смирено за да не го нарушат работниот тек.
„Не може секој од нас да шета со обезбедување. Мора да нè остават да ја завршиме работата, ако сме професионалци и работиме по кодексот не може да ни каже семејството дека не си ја знаеме работата, и насилството никако не е решение, бидејќи има каде да се пожалат“, вели Котевска.
Е. БОЧВАРОСКА