ФИЛХАРМОНИЈАТА ЈА ПОЧНУВА СЕЗОНАТА СО МУЗИКАТА ОД „ОДИСЕЈА 2001“ И СВЕТСКИ МУЗИЧАРИ

    ФИЛХАРМОНИЈАТА ЈА ПОЧНУВА СЕЗОНАТА СО МУЗИКАТА ОД „ОДИСЕЈА 2001“ И СВЕТСКИ МУЗИЧАРИФилхармонијата ги најавува Александар Мелников како исклучителен пијанист и руски виртуоз и полскиот диригент Антони Вит како музичка легенда

    „Моќта на Заратустра“ е насловен концертот на Филхармонијата, со кој вечерва во 20 часот ја отвора новата концертна сезона насловена „Моја бесмртна љубов“. Ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус, како и Концертот за пијано и оркестар број 1 од Лудвиг ван  Бетовен. Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, кој е добитник на Греми за изведба на дела од култниот Пендерецки.

    „Маестро Вит има голема заслуга за реализација на делата особено на големите полски композитори Горецки, Пендерецки, Килар, Шимановски, Лутославски, кои создаваа и музика за филмовите на  Полански или Френсис Форд Копола“, најавува Филхармонијата.

    „Сезоната ја отвораме со исклучителен солист, диригент и избор на дела кои претставуваат важен сегмент од историјата на музика. Очекуваме фантастичен концерт кој ќе биде одлично интро во новата сезона во која нѐ очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.

    Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников чија изведба, како што оценуваат критичарите, речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор. Мелников ќе  го свири Бетовениот Концерт за пијано и оркестар број 1, едно од раните дела на композиторот во кое може да се почувствуваат никулци на музичката револуција која ќе ја иницираат неговите подоцнежни дела.

    Симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус е инспирирана од истоименото филозофско дело на Фридрих Ниче и е напишана во 1896 .

    „Како и сите големи музички дела и ова било изложено на остра критика – ‘Ова не е музика, туку одбивно чудовиште кое не заслужува да биде наречено музика’. Само воведот во делото бил оценет како ‘ветувачки’. Во 1968 , токму тој вовед целосно се интегрира во колективната меморија, стана препознатлива референца во поп-културата благодарение на генијалниот Стенли Кјубрик и неговиот антологиски филм ‘Одисеја 2001’.
    Саундракот од филмот на Кјубрик, снимен со Берлинската филхармонија во 1969, 36 недели беше на прво место на класичните топ-листи. Од тогаш до денес, ‘Така зборуваше Заратурстра’ од Штраус речиси секогаш се врзува со Кјубрик, со неговиот филм преку кој оваа симфониска поема доби пошироко културолошко значење, стана поп феномен“, вели Филхармонијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира