Вербалниот напад на докторката во градската општа болница „8 Септември“ синоќа се случил откако на семејството му било соопштено дека нивниот роднина починал, вели директорот Христијан Костов, кој вели дека не е точно дека синдикатот и вработените протестирале пред неговата канцеларија.
„Јас утрово ги повикав дежурните за да ме информираат што се случило. Не е точно дека синдикатот протестирал. Вработените беа вознемирени, бидејќи не е пријатно да се случуваат вакви работи“, вели Костов.
Тој кажа дека пациентот вчера попладне бил примен во болницата и дека дежурната екипа ја направила потребната дијагностика.
„Поради други состојби, бил со срцева слабост, пациентот бил на хемодијализа, тој почина околу 23 часот на интензивна нега на одделот за интерна медицина. Вербалниот конфликт настана кога им беше соопштено дека починал и биле поагресивни кон персоналот. Обезбедувањето повикало полиција и потоа семејството го зело телото“, рече Костов.
Тој рече дека била поголема група и дека не знае кои се причините што вербално ги нападнале и обезбедувањето и лекарката.
„Во такви моменти некој реагира посмирено, а некој поагресивно. Немало физички напад, вербално го нападнале обезбедувањето кое се качило горе со нив и во моментот кога оцениле повикале полиција. Ова е стресно за вработените, но Владата и Министерството за здравство имаа неколку состаноци и мислам дека ќе бидат решени овие повремени проблеми“, рече Костов.
Е. БОЧВАРОСКА