Повеќе овошје и зеленчук, физичка активност и помалку стрес беа пораките кои лекарите и здравствените работници ги дадоа на одбележувањето на 29 Септември – Светскиот ден на срцето, кој годинава во градски парк се одбележа под мотото „Биди херој на своето срце“.
Д-р Елена Ќосевска, од Институтот за јавно здравје рече дека дури осумдесет отсто од предвремени смртни случаи од срцеви заболувања може да се избегнат, ако се воведат одредени промени.
„Јаболкото е симбол на здрава храна. Секојдневно јадете пет порции овошје и зеленчук. Да се избегнуваат тестенини, пушењето, и треба физичка активност од најмалку триесет минути дневно“, вели д-р Ќосевска.
Таа рече дека срцеви заболувања се почести кај жените и дека се помлади заболуваат.
Здравствените тимови на луѓето им мереа шеќер во крвта и крвен притисок, и им даваа совети за здрави животни навики. Кардиоваскуларните болести се главна причина за смртност во светот, така и во земјава, каде лани починале околу десет илјади луѓе.
Од Институтот за јавно здравје велат дека оваа бројка се намалува, дека луѓето почнуваат да внимаваат на себе и своето здравје, но дека мора уште многу да се зборува.