Обвинението за организаторите и командантите на нападот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 уште стои неоценето, зашто снема надлежни судии во Одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1.
„Од вкупно девет судии во Одделот за организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1, осуммина се веќе изземени, зашто имале врска, работеле или одлучувале по некаков основ во првиот предмет за насилствата во Парламентот на 27 април 2017 година. Од тие причини, ќе мора да се делегираат судии од Основниот суд Скопје 1 кои не се во овој оддел и обвинението ќе се оцени“, најави денеска претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
На крајот на мај годинава, Вилма Рускоска, шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, до Кривичниот суд поднесе обвинение против поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски и против поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието на 27 април 2017. За две лица, избеганите Никола Груевски кој има азил во Унгарија, и Никола Бошкоски–Боксер од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење. Груевски останува првоосомничен организатор на нападите, во одвоена истрага.
С. К. ДЕЛЕВСКА