ДО 11 ОКТОМВРИ ВЛАДАТА ДА ГИ ОБЈАВИ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ОХРИД, А НЕ ДА ГИ ДОБИВАМЕ ОД ВЕБ-СТРАНИЦАТА НА УНЕСКО, БАРА ОХРИД СОС

    ДО 11 ОКТОМВРИ ВЛАДАТА ДА ГИ ОБЈАВИ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ОХРИД, А НЕ ДА ГИ ДОБИВАМЕ ОД ВЕБ-СТРАНИЦАТА НА УНЕСКО, БАРА ОХРИД СОСОхрид СОС бара документот со превод на македонски и албански јазик да биде објавен најдоцна до 11 октомври; - Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески беше дел од владината делегација која во седиштето на УНЕСКО во Париз го поднесе извештајот. (Фото: Општина Охрид)

    Охрид СОС бара извештајот за Охридскиот Регион што Владата го доставила до УНЕСКО за напредокот во спроведувањето на препораките од 43. седница на Комитетот за светско наследство да биде достапен за јавноста. Тие велат дека испратиле и поднесок до Владата.

    „Станува редовна практика извештаите на нашата Влада да ги добиваме од веб-страницата на УНЕСКО, што не е одраз на транспарентно работење и создава информативен јаз во комуникацијата помеѓу граѓанското општество и институциите задолжени за воспоставување, одржување, заштита и следење на состојбата на светското наследство”, велат од Охрид СОС.

    Оттаму бараат интегралната верзија на извештајот да се објави на интернет страницата на Министерството за култура.

    „Документот со превод на македонски и албански јазик да биде објавен најдоцна до 11 октомври. Заедно со извештајот бараме да се објави и презентацијата на делегацијата при посетата на Центарот за светско наследство. Впрочем, тоа е и законска обврска на оној кој управува со доброто во согласност со член 32 од актуелниот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Извештаите поврзани со состојбата на доброто се јавни документи”, категорични се од Охрид СОС.

    Охрид СОС притоа се повикува на Архуската конвенција, која Македонија ја има ратификувано во 1999.

    „Секоја земја потписничка на Конвенцијата има обврска јавно да ги објави и да овозможи достапност во електронска форма на сите извештаи за состојбата со животната средина и природата на добрата. Јавноста има уставно право на тековни и суштински информации. Нашето единствено светско наследство не смее да остане во рацете на структури кои го загрозуваат неговиот опстанок”, рекоа од Охрид СОС.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира