САКАМ ДА ГО ИЗНЕСАМ НАДВОР МИКРОКОСМОСОТ НА МОЕТО АТЕЛЈЕ – РУБЕНС КОРУБИН СО ИЗЛОЖБА ГО СЛАВИ 70. РОДЕНДЕН И 45 ГОДИНИ КАРИЕРА

    САКАМ ДА ГО ИЗНЕСАМ НАДВОР МИКРОКОСМОСОТ НА МОЕТО АТЕЛЈЕ – РУБЕНС КОРУБИН СО ИЗЛОЖБА ГО СЛАВИ 70. РОДЕНДЕН И 45 ГОДИНИ КАРИЕРАРубенс Корубин на 8 октомври во Чифте амам ќе ја отвори изложбата „Ателје - радоста на сликањето“, со 70-тина дела, од кои 30-тина се нови. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седумдесет години живот и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград се поводите поради кои Рубенс Корубин, еден од најреномираните македонски сликари, одлучи по десет години да го изложи своето ателје. Изложбата е насловена „Ателје – радоста на сликањето“, а ќе се отвори на 8 октомври во 20 часот во Чифте амам. На изложбатата ќе има 70-тина дела, од кои 30-тина се нови, од изминативе четири-пет години, како и цртежи и слики од неговата лична колекција.

    Во неговото ателје во скопски Сарај, помеѓу штафелаите и сликите кои чекаа врамување и транспорт до Чифте амам, Корубин и неговата сопруга, модната креаторка Лилјана Корубин, со екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК, весело и топло говореа за новите дела, за инспирациите, за нивните деца, за минатите времиња…

    „Сакав да го изнесам моето ателје малку надвор, да го претставам методот на работа, како јас работам, процесот“ вели Корубин. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Имам посебен однос кон ателјето, како дека со едната нога да влегувам во друг свет. Тој свет не е толку изолиран од она што нѐ опкружува во животот, но секој од нас, секој предмет носи некоја аура. Има денови кога не знам што да сликам, сакам, но од што да почнам. Она што јас го работам главно е е реакција на денешното време, меѓутоа нема политичка назнака. Тоа секогаш сум го избегнувал на овој или на оној начин. Во минатото, 80 отсто од уметноста е правена по некоја нарачка, но она што ме восхитува е тоа што е ставено меѓу редовите, енергијата со која што зрачи“, вели Корубин.

    „Сакав да го изнесам моето ателје малку надвор, да го претставам методот на работа, како јас работам, процесот, некогаш може да читам весници и некоја фотографија ќе ме инспирира, скршена чаша, обичен жолт лист… Патуваме далеку, гледаме убави нешта, но некогаш во сопственото опкружување има толку многу работи, само ако сакате да погледате, се отвора цел космос. Тој микрокосмос е фанатастичен, таа иницијална каписла. Тој момент сакав да го изнесам надвор“, вели уметникот и поранешен професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.

    Рубенс Корубин е роден во Прилеп во 1949 . Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Белград 1974. Во 1976 завршил постдипломски студии во Белград, во класата на Младен Србиновиќ. 1977- 79 бил на студиски престој во Париз, а од 1986 – 2012 работел како професор на Факултетот за ликовни уметности. Член е на Друштвото на ликовни ументици од 1975. Добитник е и на бројни призанија и награди.

    На изложбата ќе има мала инсталација со штафелајот и маса со разни предмети, или, како што вели тој, неговата визуелна архива од каде црпи сила да заплива во уметноста.

    Говорејќи за неговата муза, сопругата, со голема љубов и жар во очите, Корубин вели дека секојдневно го инспирира, се трансформира, може да изненади со нов лик. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Човекот секогаш му бил централна тема и неговото движење низ просторот, но сега тематски, вели тој, за првпат можеби подиректно, фатил секвенци од Скопје, почнувајќи од Сарај, преку центарот на градот до Соње.

    Кога зборува за Скопје, вели дека го сака градот, но нема посебен однос, и смета дека е како еден жив оганизам кој постојано се менува, има и крвоток и свој адреналин.

    „Мора да има промени, тук-таму ќе остане некое парче за спомен, но мислам дека мора да ја респектираме таа енергија. Има и делови кои се претерани и кои јас би ги направил поинаку, има и делови кои ми се допаѓаат. Не можам тоа црно-бело да го гледам, а кај нас е баш црно-бело“, рече Корубин.

    Своевремено, себеси се нарекувал бајковиден сликар.

    „Но, бајката не е е нешто што е розово. Обично кога ќе се каже бајка се врзува со розово. Но, бајките носат сѐ. Баба рога, змејови, ѓаволи, јунаци, најубави принцези, најстрашни работи, кафези… Бајката го претставува целиот живот од сите негови аспекти, единствена разлика е што завршува среќно“, вели Корубин и дообјаснува: „Претходната генерација директно ги доживеа и преживеа повеќе војни, револуции, манифести, транзиции и од политички и од уметнички карактер. Јас сум втора или трета генерација после тоа, но мене најмногу ме интересира сликата како интегрална површина, просторот во кој влегувате во животот, тој простор ќе отвори еден па уште еден простор. Како кога ќе влезам во ателјето имам една врата, па друга па трета (н. з покажува на штафелајот)“, кажа Корубин.

    Говорејќи за неговата муза, сопругата, со голема љубов и жар во очите, Корубин вели дека секојдневно го инспирира, се трансформира, може да изненади со нов лик, кој е добредојден. Кога биле помали синовите Михаил и Дамјан, ги сликал и нив, но денес веќе се возрасни. Тие со него често разговараат за уметноста и си помагаат.

    „Михаил е сликар, Дамјан е маркетинг менаџер. Уште како деца беа во ателје, цртаа, чкртаа, ѕидовите од домот ни беа како Систинска капела. Но, не стигнаа до таванот (ха, ха). Нормално, ако со воодушевување чзборувате за нешто и им го покажете, тоа е првото нешто што ќе го направат. Се сеќавам еднаш, ние бевме излезени, а тие двајцата направиле инсталација од моите касети кои беа внимателно и со години собирани. Кога дојдовме дома, најдовме една цела мрежа од ленти извадени низ целата соба. Така тој музички запис заврши како пајакова мрежа“, весело раскажува тој.

    Корубин кажува дека сѐ уште е близок со неговата генерација, со сликарот Илија Пенушлиски се стари другари, дури во еден период имало ситуации кога ќе се пуштеле еден со друг на спикерфон, и двајцата цртале во исто време и си раскажуваат кој која боја ја меша и слично (Фото: Ѓ. Личовски)

    Присетувајќи се на студентските денови, со нас сподели една случка, кога две-три недели сликале едно дело, и влегол професорот и им кажал дека Микеланџело го направил Давид за две недели.

    „Само што излезе од просторијата, ние забрзавме, сликаме ли сликаме. По неколку дена, проверувам и гледам дека не за две недели, туку за две години е направен Давид. Тоа беше многу педагошки симпатично и стимулативно“ се смее уметникот и додава дека за неговите студенти, нему најважно ми било од него да ја научат базата, основната писменост, како јазикот и реченицата.

    Корубин кажува дека сѐ уште е близок со неговата генерација, со сликарот Илија Пенушлиски се стари другари, дури во еден период имало ситуации кога ќе се пуштеле еден со друг на спикерфон, и двајцата цртале во исто време и си раскажуваат кој која боја ја меша и слично.

    „Ги слушам си коментираат па како сега оваа окер боја да ставам, им викам: Па добро вие не се гледате, како знаете кој што да искористи. Многу беа интересни“, се смее неговата сопруга Лиле.

    Своевремено, вели, себеси се нарекувал бајковиден сликар. „Но, бајката не е е нешто што е розово“, кажа Корубин. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Порано кафеаната беше главно место на собирање. Но, немаше гласна музика, туку жагор од зборување, на сите маси се зборуваше, ќе седнеш на една, па на друга маса, во зависност од темата која те интересира. Факултет сам за себе, секој носеше некаква информација за филм или книга прочитана, анегдота. Во денешно време, тие муабети станаа сѐ поретки, треба да се прилагодиш на гласната музика“, вели Корубин.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира