Полската писателка Олга Токарчук и австрискиот автор Петер Хандке се годинашни добитници на Нобелова награда за литература, која лани не беше доделена поради сексуален скандал во Шведската кралска академија.
Педесет и седумгодишната Токарчук е само 15. жена која ја добива оваа награда. Таа има објавено 15-ина книги во последните 30 години и лани освои уште една престижна меѓународна литературна награда, Букерова.
Официјално, 76-годишниот Хандке е добитникот за 2019-та. Хандке е еден од најплодните современи европски писатели, но исто така и контроверзна личност, откако за време на војните во поранешна Југославија отворено им даваше поддршка на српскиот национализам и на Слободан Милошевиќ и дури одржа говор на неговиот погреб.
Шведската академија лани не ја додели оваа награда откако сопругот на една од членките на Нобеловиот комитет беше обвинет за силување и други сексуални прекршоци. Французинот Жан-Клод Арно во меѓувреме беше осуден на две и пол години затвор за силување.