Во првите три месеци откако на патарините на Кородорот 10 e воведена електронска наплата, продадени се 10.200 бесконтактни смарт-картички и уреди за електронска наплата на патарина (тагови). Од Јавното претпријатие за државни патишта очекуваат во последното тромесечие оваа бројка да биде зголемена.
„Граѓаните ги увидоа придобивките од овој новиот начин на наплата. Правните и физичките лица можат да ја плаќаат патарината со купување бесконтактни смарт-картички или уред за електронска наплата на патарина (таг). Уредот за електронска наплата овозможува плаќање без застанување и за него има посебна лента каде нема рампа. Со бесконтактните смарт-картички е овозможено плаќање само со приближување на картичката до читачот. Електронските уреди може да се купат и надополнат на секоја сообраќајна лента на наплатните станици и во контролниот центар Петровец“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Електронска наплата има на сите седум патарини на Коридорот 10, односно од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица. Од Државни патишта велат дека за десетина дена ќе стартува и електронска дополна на картичките и таговите, со што граѓаните нема да мора на патарините да дополнуваат средства.
Бесконтактните смарт-картички чинат 100 денари и минималниот износ за дополнување при купување е 300 денари. Износот за секое наредно надополнување не може да биде помал од 300 денари. Цената на уредот таг е 1.200 денари и минималниот износ за дополнување при купување е 300 денари. Износот за секое наредно надополнување не може да биде помал од 300 денари.
А. АНТЕВСКА