Отстранета е металната конструкција за настрешница на дуќанот познат меѓу битолчани како фурната на Паско, која на Широк Сокак ја имаше заробено и уличната канделабра. Местото е вратено во првобитна положба, а конструкцијата беше тргната неколку дена по пишувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК за ваквата состојба на Широк Сокак.
По ова, останува уште еден угостителски објект на Широк Сокак кој со својата урбаната улична опрема има заробено две канделабари. Објектот не е нов, отворен е од пред неколку години и е прилично голем Столбовите од канделабрите му минуваат низ урбаната опрема, а светилките се веднаш над тендите. Од Општина Битола немаат постапка ни реакција и за оваа тенда.
Столбовите од металната конструкција на дуќанот беа поставени директно на плочките на Широк Сокак, а според одлука на битолскиот Совет од пред две години, кафулињата на оваа амбиентална улица треба да имаат унифицирана опрема поставена на дрвена платформа со минимална височина од 15 сантиметри со цел да не се уништуваат плочите. Воедно во овој случај, беше стеснет и пешачкиот дел, кој според истата одлука, треба да изнесува шест метри.
Битолчанецот ја имаше поставено металната конструкција од двете страни на објектот, едниот дел кон Широк Сокак, а другиот на потегот кон Центарот за култура. Со конструкцијата беше заробена канделабрата, а светилките требаше да бидат прилепени веднаш над натстрешницата или евентуалната тенда.
Кога на 8 октомври се обративме до Општина Битола, ни беше кажано дека истиот ден градежен инспектор постапил по случајот и ја запрел работата на терен. Направен бил увид и записник, по кој понатаму се постапува. Од таму рекоа дека канделабрите не смеат да бидат зафатени со урбаните опреми што се поставуваат на Широк Сокак.
Ова е делот од Широк Сокак каде има најмногу кафулиња.
Ж. ЗДРАВКОВСКА