Писателките Маргарет Атвуд и Бернардин Еваристо се добитнички на престижната светска Букерова награда за 2019, откако жирито ги прекрши правилата и прогласи дека e нерешено. Канаѓанката Атвуд е наградена за романот „Тестаменти“, продолжение на бестселерот „Приказна на слугинката“, додека Британката Еваристо за романот-калеидоскоп на приказни на црномурести жени „Девојка, жена, други“. Авторките ќе ја поделат наградата од 50 илјади фунти на два еднакви дела.
Правилата на Букер се дека наградата не смее да се подели, но жирито инсистирало дека не може да се одлучи помеѓу двете книги.
Седумедесет и деветгодишната Атвуд е највозрасна добитничка на Букер, а Еваристо е првата црномуреста писателка која ја добила оваа награда. Атвуд пред 19 години ја доби Букеровата награда за „Слепиот убиец“, а во 2016 дојде во Македонија како лауреат на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Откако беа прогласени нивните имиња, писателките се фатија под рака на сцена и Атвуд се пошегува:
„Мислев дека ќе изгледам премнгу старо и ќе бев засрамена да стојам сама на сценава и да добијам толку многу внимание. Затоа ми е драго дека и ти си тука“.